Зосима се израдува што се сретна со Божјо создание. За сето време од неговиот престој во пустината тој не само што не виде човек, туку ни животно, и заради тоа се радуваше што можеше да слушне жив човечки збор.
Но, тој, сфаќајќи ја целта и желбата на Зосима, почна бргу да се оддалечува во спротивната насока, во најдлабоката пустина.
„Зошто бегаш од грешниот старец, слуго на Бога заради Кого живееш во оваа пустина? Застани, помоли се за мене и благослови ме. Застани, во името на Бога, Кој никогаш од никого не се гнаси“ – извика Зосима кон непознатиот.
Во тој момент Зосима се приближи кон исушениот поток, а човекот кого тој се обидуваше да го стигне, и кон кого повикуваше, се наоѓаше на другата страна од потокот.
Зосима на крајот се измори и изнемошти, нозете откажуваа да му служат. Застанувајќи од оваа страна на потокот, тој заплака како дете и смирено го молеше непознатиот да ја слушне неговата усрдна молба.
„Прости ми, отец Зосима, прости ми заради Господа, заради тоа што не можам да ја исполнам твојата молба. Јас сум жена, и како што гледаш, жена која со ништо не е покриена. Ако сакаш, оче свети, да се помолиш за мене грешната и да ми го дадеш својот благослов, фрли ми нешто од твојата облека за да ја покријам мојата голотија“ – одговори непознатата.
Зосима се збуни откако го слушна своето име, дури и се исплаши, што е природно.
Во истиот момент Зосима го соблече горното облекло и свртувајќи се со лицето наназад го фрли на подвижничката.
А таа, покривајќи го своето тело, со кротост и смирение му кажа на Зосима:
„Зошто, оче мој, посака да видиш грешна жена? Сигурно мислеше дека можеш нешто да дознаеш или научиш од мене недостојната, штом не ги поштеди своите сили за да ме достигнеш?“
Наместо одговор, Зосима падна ничкум на земјата пред неа и го побара нејзиниот благослов. Истото го направи и подвижничката, барајќи благослов од Зосима. Така долго останаа и двајцата, бидејќи никој од нив не сакаше прв да даде благослов.
„Отец Зосима – рече жената, најпосле – ти треба да се молиш за луѓето и да им даваш благослов, ти си удостоен со свештенички чин, многу години служиш пред Олтарот Господов и ја принесуваш бескрвната жртва. Затоа, ти треба мене да ме благословиш, а не јас тебе.“
„Мајко! Со светоста на твојот живот и умртвувајќи го своето тело, гледам дека си Му се приближила на Бога. Ти навистина го поседуваш реткиот дар на прозорливост, инаку како би го знаела моето име и мојот свештенички чин кога никогаш ме немаш видено, ниту пак е можно да знаеш за мене? Токму затоа ти прва треба да ме благословиш, да се помолиш за мене како посовршена во верата и во богоугодниот живот.“
Подвижничката веќе немаше каде, и реши да отстапи пред Старецот, па му рече: „Благословен е Бог, Кој сака да се спаси секоја душа човечка“. „Амин!“ – одговори Зосима. И потоа двајцата станаа од земјата.
Извадок од „Житието на преподобна Марија Египетска“