Духовноста во Православната Црква не претставува апстрактен религиозен живот, ниту пак е плод на психичките сили на човекот, зашто Црквата е Тело Христово, а не просто религија која теоретски верува во некаков Бог. Второто Лице на Света Троица, Логосот Божји, заради нас прими човечка природа, ја соедини со Својата Ипостас и стана Глава на Црквата. Затоа Црквата е Тело на Богочовекот Христос. Духовноста не е една од пројавите на енергиите на душата, какви што се расудувањето, сетилата или гневот. На тоа треба да се обрне посебно внимание, зашто за жал денес мнозина ја додаваат етикетата „духовен“ кон некого што ги развива своите интелектуални способности, какви што се научниците, артистите, уметниците, поетите… Ваквата споредба не може да биде прифатлива за Православната Црква. Се разбира, немаме ништо против научниците и уметниците, но не може да ги наречеме духовни луѓе во строго православната смисла на зборот.

Во учењето на св. апостол Павле духовниот човек е разграничен од душевниот. Човекот што во себе ја има енергијата на Светиот Дух е духовен, додека пак душевен е оној човек што има тело и душа, но не го придобил Светиот Дух, Кој е живот на душата. „Душевниот човек не го прима она што е од Божјиот Дух; за него тоа е безумство; и не може да го разбере, оти треба духовно да се расудува. Духовниот, пак, човек испитува сè, а него никој не го испитува“ (1. Кор. 2, 14-15).

Во истото послание, апостол Павле прави разлика меѓу духовниот и телесниот човек. Телесен човек е оној кој го нема Светиот Дух во своето срце, но ги поседува другите психосоматски функции на битието. Ете зашто е очигледно дека терминот „плотски“ не се однесува само кон телото, туку и кон душевниот човек кој е оддалечен од Пресветиот Дух и кој во своите дејствија се идентификува единствено со својата таканаречена „биолошка ипостас“. „Јас, браќа, не можев да ви зборувам како на духовни, туку како на телесни, како на младенци во Христа. Со млеко ве напоив, а не со тврда храна, зашто уште не можевте да ја примите. А ни сега не можете, зашто сте уште телесни. Не сте ли телесни и не живеете ли како обичните луѓе, штом меѓу вас има завист, кавга и неслога?“ (1. Кор. 3, 1-3).

Ако горецитираното го соединиме со другото кое се однесува на христијанското посиновување, ќе се увериме дека според св. апостол Павле, духовен е оној човек што станал син Божји по благодат. „И така, браќа, ние не сме му должни на телото, та да живееме по телото; бидејќи, ако живеете по телото, ќе умрете; но, ако преку Духот ги умртвувате работите на телото, ќе бидете живи. Сите оние, што се управуваат по Духот Божји, се синови Божји; оти вие не примивте дух на ропство за да бидете во страв, туку Го примивте Духот на посинувањето, преку Кого велиме: Ава, Оче! Самиот Дух му сведочи на нашиот дух, дека ние сме чеда Божји“ (Рим. 8, 12-16).

Од овие зборови следува дека е духовен оној човек кој сведочи за Светиот Дух во своето срце и со сигурност чуствува дека е пребивалиште на Троичниот Бог. На тој начин тој јасно сфаќа дека по благодат е син Божји и во своето срце повикува: „Ава Оче!“. Согласно со сведочењето на светите отци тој срдечен крик е всушност умносрдечната молитва.

Кога го поставуваме прашањето: што значи тоа човек да стане храм на Светиот Дух? Св. Василиј Велики боговдахновено нѐ подучува дека таков е човекот кој не се вознемирува од искушенијата и секојдневните грижи, туку го следи Бога и општи со Него. Тоа поконкретно означува дека е духовен оној човек што во себе го има Светиот Дух и е утврден во постојаното спомнување на Бога.

Архимандрит Јеротеј Влахос