Чујте го ова слово, со кое ќе кренам во плач за вас, доме Израилев.

Падна, и нема повеќе да стане девојката Израилева! Фрлена е на земјата своја, и нема кој да ја подигне.

Оти вака вели Господ Бог: град, од кој излегуваат илјадници, ќе остане само со сто, а од кој излегуваат сто, ќе остане само со десет во домот Израилев.

Оти така му вели Господ на домот Израилев: побарајте Ме и ќе бидете живи.

Не барајте го Ветил, не одете во Галгал и не патувајте во Вирсавија, зашто сиот Галгал ќе појде во ропство, а Ветил ќе се претвори во ништо.

Побарајте Го Господа, и ќе бидете живи, за да не се нафрли Он против домот Јосифов, како оган што ќе го проголта, и не ќе има кој да го изгасне во Ветил.

О, вие, што го претворате судот во отров и правдата ја фрлате на земја!

Кој го создал седмоѕвездието и Орион и ја претвора смртната сенка во јасно утро, а денот го прави темен како ноќ, ги извикува морските води и ги разлева по земјата? Господ е името Негово!

Он го заштитува рушителот против силниот, и опустошителот влегува во тврдината.

А тие го мразат оној, кој изобличува пред портите, и се гнасат од оној, кој кажува правда.

Па така, бидејќи го измачувате сиромавиот и земате од него подароци во жито, вие ќе изградите домови од делкан камен, но нема да живеете во нив; ќе насадите убави лозја, но сепак, вино од нив нема да пиете.

Зашто Јас знам колку се многубројни вашите престапи, и колку се тешки вашите гревови; вие сте му непријатели на праведникот, земате поткуп и ги извртувате делата на сиромасите во судот.

Поради тоа разумниот човек молчи во тоа време, оти времето е лошо.

Барајте добро, а не зло, за да останете живи – и тогаш Господ Бог Саваот ќе биде со вас, како што велите вие.

Мразете го злото, сакајте го доброто и поставете праведен суд пред портите; можеби, Господ Бог Саваот, ќе се смилува на остатокот Јосифов.

Затоа, вака вели Господ Бог Саваот – Седржителот: по сите ваши улици ќе има плач, и по сите ваши патишта ќе викаат: Оф, оф! И ќе повикаат земјоделец да жали и искусни за жални песни да плачат;

и по сите лозја ќе има плач, оти Јас ќе минам меѓу тебе, вели Господ.

Тешко им на оние кои го бараат денот Господов! Зошто ви е тој ден Господен? Тој е темнина, а не светлина.

Тоа е исто како кога некој бега од лав, а го сретнува мечка, или кога доаѓа дома и се потпира со раката на ѕидот, па го каснува змија.

Зар денот Господов не е мрак, туку светлина? Тој е мрак, и во него нема блесок.

Ги мразам и ги отфрлувам празниците ваши, и не ги помирисувам вашите жртви во времето на прославите во собранијата.

Ако ми принесете сепаленица и лебен принос, нема да ги примам и нема да погледнам милостиво на благодарствената жртва од вашите угоени телиња.

Отстрани го од мене шумот на твоите песни, зашто звуците на твојата гусла нема да ги послушам.

Праведниот суд нека тече како вода, и правдата – како силен поток.

Зар не ми принесувавте жртви и дарови во лебови во пустињата, во текот на четириесетте години, доме Израилев?

Вие ја носевте скинијата Молохова и ѕвездата на вашиот бог Ремфан, ликови што ги направивте за себе.

Затоа Јас ќе ве преселам зад Дамаск, вели Господ; Бог Саваот е името Негово.

Книга на Пророк Амос (гл. 5, 1-27)