Повеќето од нас родителите се многу горди на своите деца. Ние постојано ги зајакнуваме нивните достигнувања со пофалби и им кажуваме колку се прекрасни. Но, дали е ова корисно за нив? Ова е прашање, кое секако ќе доведе до многу дискусии и различни гледишта.

Старецот Паисиј Светогорец вели: „Многу родители, мислејќи дека искрено ги сакаат своите деца, на крајот ги уништуваат без да го сфатат тоа. На пример мајка, која премногу ја сака својата ќерка ѝ вели додека ја држи во рацете: „Го имам најдоброто дете на светот“. Затоа, уште од најмала возраст (кога детето не е во состојба да сфати и да се бори против тоа) детето стекнува надмена и арогантна совесност и верува дека е прекрасен човек. Како резултат на тоа, тој не е во состојба да го почувствува недостатокот на Божјото присуство и Неговата сила во својот живот и, се разбира, не може да научи да се моли на Бога. Затоа, тој развива закоравена самодоверба, која честопати никогаш не исчезнува, бидејќи со текот на времето станува многу тешко да се ослободи од неа“.

Предизвик за родителите е да им помогнат на своите деца да развијат духовна состојба која вклучува понизност и смирение, учејќи ги дека сè доаѓа од Бога. Навистина, ние сме Божји деца и сè што имаме и што можеме да направиме доаѓа од Него. Важно е да не заборавиме да Му благодариме за даровите што Тој ни ги дава и за способноста истите да ги развиваме и применуваме. Гордоста се развива кога мислиме дека нашите достигнувања се од нас самите или дека сме подобри од другите.

Што да кажеме за исклучителниот акцент што се става на спортот и на неговиот дух на ривалство? Едно неодамнешно истражување покажа дека оние што се занимаваат со големите спортови како бејзбол, кошарка или фудбал, имаат поголема склоност да мамат на училиште. Овие активности, кои се обидуваат да покажат дека личните достигнувања се од нас самите, а не од Бога, можат да ги оддалечат нашите деца од Бога, спречувајќи ги во подоцнежната етапа од животот да се покаат и да се доближат до Него.

Ние како родители имаме огромна одговорност. Прво мора да го развиеме смирението во себе.

Старец Паисиј вели: „Родителите треба да се грижат за својот духовен живот, бидејќи освен за себе, тие се одговорни и за своите деца. Се разбира, тие имаат изговор дека ги наследиле своите негативни особини од сопствените родители; но сепак, тие немаат никакво оправдување ако не се обидуваат да се ослободат од овие недостатоци, откако ќе станат свесни за нив“.

Работете постојано на сопствениот однос со Бога и така ќе станете подобри родители.

Извор: orthodoxwayoflife.blogspot