Господи, Кој поверува на тоа што го чул од нас и кому му се откри силата Господова?
Зашто изникна Он како младо дрвце и како стебленце од сувата земја; нема во Него ни изглед, ниту величие; ние Го видовме, и во Него немаше изглед што ќе нè привлече кон Него.
Он беше презрен и понизен меѓу луѓето, храбар во болки и свикнат на страдања, и ние го одвраќавме од Него лицето свое; Он беше презиран, и ние за ништо не Го сметавме.
Но Он ги зеде врз Себе нашите страдања и ги понесе нашите слабости; а ние мислевме, дека Он беше поразуван, казнуван и понизуван од Бога.
А Он беше ранет за нашите гревови и мачен заради нашите беззаконија; казната за нашиот мир падна врз Него, а преку Неговите рани ние се излекувавме.
Сите ние бевме заблудени како овци, се отстрани секој од патот свој – и Господ ги наложи врз Него гревовите на сите нас.
Он беше измачуван, но страдаше доброволно и устата Своја не ја отвораше; како овца Он беше одведен на колење, и како што е јагнето пред стрижачите свои безгласно, така и Он не ја отвори устата Своја.
Он беше лишен од праведен суд. Но, родот Негов кој ќе го објасни? Зашто беше одземен од земјата на живите; заради беззаконијата на Мојот народ беше осуден на смрт.
Му определија гроб со злодејци, но Он беше погребан кај богатиот, зашто не беше направил грев и во устата негова немаше лага.
Но на Господа му беше угодно да Го понизи, и Го предаде на мачење; а бидејќи душата Негова Му принесе милостивна жртва, Он ќе види долговечно потомство, и волјата Господова ќе напредува преку Неговата рака.
Ќе се зарадува поради трудот на душата Своја и ќе види светлина. Праведниот Слуга Мој мнозина ќе ги оправда и гревовите нивни врз Себе ќе ги понесе.
Затоа Јас ќе Му дадам големо наследство, со силните пленот ќе го дели, зашто душата Своја на смрт ја предаде, и меѓу злодејците беше вброен и ги понесе врз Себе гревовите на мнозина и за престапниците стана посредник.
Книга на пророк Исаија (глава 53, 1-12)