Само смирението може да ѝ донесе мир на нашата душа. Душата која не е смирена и која постојано е во виорот на страстите, е мрачна и матна како хаосот. Дозволете ѝ да најде сила во смирението, и дури тогаш во неа ќе се појави вистинската светлина. Дури тогаш во неа ќе се створи складен свет на исправни мисли и чувства. Гордото мудрување, и заклучоците настанати од земната природа ја загушуваат душата како магла и во неа пропуштаат само еден мал столб од слаба светлина. Направете маглата да падне во долината на смирението и тогаш над себе ќе го видите чистото и високо небо. Душата самата себе се загушува од надмени и секогаш немирни помисли и од страсни желби. Дајте ѝ да стивне во смирението.
Не можам да го прекорам чувствителното срце кое љуби. Зарем е подобро студеното срце? Каменото срце треба да омекне, студеното да се загрее, а чувствителното и она кое е способно да љуби, треба да се воздигне од природната љубов до љубовта духовна. За ваквото срце најдобриот пат е тихувањето што го дава Промислата Божја, за ова срце, потонато во семејни врски, да не биде целосно загушено само од природната љубов. Не треба да се жалиме на она што Бог ни го дал преку природата, туку треба да се издигнеме до благодатта, па сѐ ќе биде добро.
Принесете Му на Бога желба за молитва, а Он ќе ве услиша и ќе ви ја подари молитвата. Дури и плачот на светителите кои престојувале во некоја краткотрајна жалост, не може да биде сметан за богоугодна жртва на Бога. Нашето долго и неутешно тажење и жалење не само што не е богоугодно, туку може да биде и грешно. Речено ни е: Не тажете како останатите, кои немаат вера. Наша должност е со љубов и смирение на дете, и со христијанско трпение, да го носиме крстот што ни е даден, а не да го мериме и да го споредуваме со другите. Не треба да се жалиме на неволјите, туку да бдееме над себе и да се храбриме, за да не се случи изнемоштени и изморени да се лишиме од подготвената награда.
Сите се утешители, а не исцелители од злото – вели светиот праведен Јов за своите пријатели. Такви се луѓето… Само Бог може вистински да утеши, и тогаш кога дава, и тогаш кога зема.
Митрополит Филарет Московски