„Што може да биде посвето и поспасително од поучувањето во делата Господови, од мисловното ѕиркање на високиот престол на славата Негова и од проповедањето на Неговото величие, на Неговата премудрост и сила! Астрономијата упатува кон ова, од Неговите раце, бескрајно здание…“ – Ломоносов

„Знаењето ќе исчезне“ (1 Кор. 13, 8)… Секако, тоа нема да биде знаењето кое во лице го гледаат вистински чистите по срце; ниту знаењето од кое во непрестајно восхитување пребиваат светиите; ни знаењето на кое се ѕида вечниот живот.

Ќе исчезне знаењето кое не ги знае своите ограничености, ќе исчезне млакоста и ефемерноста. Знаењето, пак, кое е смирено, благоговејно и трепетно, ќе остане во вечни векови, бидејќи тоа припаѓа на Небесниот Ерусалим.

Припадноста само кон овој свет е предзнак на мртвило – како за човекот, така и за знаењето. И само мртвото знаење возгордува (1 Кор. 8, 1). Немајќи во себе живот, човекот се гордее од привидното познавање на височините и длабочините. Духот чист не се возгордува од никакви знаења, зашто одозгора дадените огнови можат да бидат изгаснати. Чистиот дух секогаш е во трепет и благоговение пред вишите знаења, и бесконечно ги намалува своите. Со философијата на незнаењето го чува своето знаење.

Му противречи ли на сегашниот свет небесното знаење на верата (тајната на спасението на човештвото) на прагматичното знаење, на знаењето на „науката“? Секако дека не му противречи. Небесните закони на животот, иако ги надминуваат, не им противречат на земните закони. Напротив, тие ги осветуваат.

Знаењето на дрводелецот, столарот, гоничот на камили, животописецот, лекарот, математичарот – не противречи на знаењето на светиот, на верникот, на човекот кој љуби. Секој човек, со какво било знаење во светот и со какви и да било таленти да поседува, може да биде свет, верник и може да љуби, при тоа не одрекувајќи се од своето земно знаење, ако го возвишува кон небесното.

„Конфликтот“ меѓу „верата и науката“, меѓу „знаењето и верата“ е конфликт кој не постои.

Небесната вера е солта на животот. Без небесна вера, секое практично знаење, секоја земна вера, е несолена и безначајна, безживотна и тегобна.

Земното знаење го осветил Самиот Спасител, кога станал дрводелец. Со тоа, Господ ги осветил сите земни работи и секое знаење во земниот свет: хемијата, физиката, архитектурата, историјата, медицината, социологијата, геометријата; го благословил поредокот на земните научни верувања со аксиоми и хипотези. Но под услов „кесарот“ (животот на овој свет) да не Го засенува Бога во душите на луѓето.

На Ломоносов, Паскал, Пастер, Њутн, не им пречело знаењето на понискиот слој во знаењето на повисокиот. Спротивно на законот на суетата, тие не се гордееле со своето знаење, со својата земна убавина и височина. Во своето смирение, тие го постигнале животот во Христа. Тие сфатиле дека нивното „научно“ знаење не е „височината“ на нивните богообразни души, и затоа нашле друга височина, друга наука – науката на духот и вечноста. Се смириле, и така се вознесле.

Архиепископ Јован Шаховској