А што имаме да кажеме ние несреќните, кои ја сакаме славата на овој свет, кои не знаеме како да се бориме, кои брзаме кон одморот, кои не ја познаваме Божјата трпеливост, бидејќи Он ќе го остави плевелот да расте заедно со пченицата, сè додека не дојде времето за жетва и додека не ги испрати Своите слуги за да ја ожнеат зрелата пченица и да го изгорат одвоениот плевел. И Гиезиј го изминал патот и дошол до мртвото дете, но не успеал да го воскресне, затоа што повеќе ја сакал славата човечка, отколку Божјата.
Блажени се оние, кои со право се срамат да погледнат кон Господа и кои се грижат своите рани да ги исцелат со својот разум, осознавајќи ги при тоа своите гревови и молејќи се да им бидат простени. Тешко им на оние што си го губат времето и што не ја слушаат својата совест, мислејќи дека се безгрешни. Бидејќи не ја слушаат совеста, затоа и не сакаат да се покаат за своите гревови и да признаат дека се помали од сите.
Земјоделецот, кој ја посеал својата нива, и која, и покрај неговиот труд, не родила и не го дала чеканиот род, жали за семето што го посеал и за трудот што го вложил. Тој ги имал сите потребни знаења, правел сè што можел и умеел, се измачувал, а сепак, неговата нивата не го дала својот плод. Така бидува и со оние, кои се надеваат само на своето знаење и на своите трудови, заборавајќи дека се опколени од опасни непријатели. Тие забораваат на ова, сè додека не ги чујат зборовите на апостолот: „љубовта сè извинува, во сè верува, на сè се надева, сè претрпува“ (1. Кор. 13, 7).
Преподобен Исаија Отшелник