За грешникот нема поголема корист од постојано предочување на своите гревови во умот и пред очите свои, и од што почесто смирување и преиспитување на себеси. Ништо друго не е толку силно за да го умилостиви гневот Божји: ниту постот, ниту бдението, ниту било што слично.

За да бидеме возљубени од Бога, мораме да ја развиваме духовната убавина, секојдневно измивајќи ја секоја нечистотија преку читање на Светото Писмо, преку молитва и милостина, и со меѓусебно единомислие.

На оној кој сака да Му угодува на Бога, да пребива во добродетели и чистота, насушно му е потребно да не води мирен, пријатен и безгрижен, туку тегобен живот, исполнет со многу трудови и подвизи.

Зошто световната тага предизвикува смрт? Од таа причина што прекумерната тага обично доведува или до сомнеж, или до погубно богохулие.

Сакаш ли да бидеш еднаков на апостолите? Знај дека ништо не ти стои на патот: доволно е само да ја исполниш добродетелта на милостината, па во ништо да не заостануваш зад нив.

Без девственост може да се задобие Царството Небесно, ама без милостина нема никаква можност за тоа.

И живеејќи во градот може да се исполнува мудрољубието на пустиножителите; и омажената жена, и семејната жена, може да се молат, да постат и да го достигнат умилението.

Каква е навистина користа од земните наслади? Денеска постојат, а утре ги нема; денес се преубав цвет, а утре расеан прав; денес се распламтен оган, а утре изладена пепел.

Се грижиш ли за своето спасение? Немој тоа да го докажуваш со зборови, туку со своите дела. Затоа потруди се да го исправиш својот живот, зашто неверникот ќе те праша: „Како да знам што заповедал Бог и што треба да се прави? Зашто ете ти, христијанин по раѓање и човек воспитан во таа прекрасна вера, ништо добро не правиш“. А што ќе речеш ти? Без сомнение, ќе му понудиш ваков одговор: „Ќе ти покажам други луѓе што ги исполнуваат заповедите: монасите, оние што престојуваат во пустините и светителите“. Но зарем не ти е срам, сметајќи се за христијанин, да укажуваш на други, како да не можеш да докажеш дека и самиот извршуваш христијански дела? Неверникот истиот миг ќе ти возврати: „Зошто би морал да заминувам во високи гори и пустини? Ако не е можно да се пребива во мудрољубие во градовите, тогаш тоа треба да биде големо обвинение против христијанското живеење, за чие остварување е потребно да ги напуштиме градовите и да бегаме во пустините“.

Сѐ извршувај заради покорување на Господа и сѐ што преземаш да биде заради Него. Ова е доволно за да не допуштиш да те обземе било каква соблазна или во твојот живот да завладее нередот.

Во тело го прославува Бога оној кој не се оддава на блуд, кој не се прејадува, кој не се грижи за надворешното украсување, кој за себе покажува само онолку грижа колку што е неопходно заради здравјето, кој не прави прељуба, како и жената која на себе не става секакви мириси, не го украсува со бои своето лице, која е задоволна од својот изглед кој ѝ е даден од Бога, и не му достава ништо што е неприродно.

Св. Јован Златоуст