Кој Го љуби Господа, тој секогаш се сеќава на Него, а сеќавањето на Бога ја породува молитвата. Ако не се сеќаваш на Господа, тогаш нема ни да се молиш, а душата без молитвата нема да пребива во љубовта Божја, оти преку молитвата доаѓа благодатта на Светиот Дух. Преку молитвата човекот се чува од гревот, оти умот кој се моли е зафатен со Бога, и во смирението на духот стои пред Лицето Господово, Кого Го знае душата на оној што се моли.

Меѓутоа, на почетникот му е потребен раководител. Затоа што пред да дојде благодатта на Светиот Дух, душата води голема војна со непријателите, и не може да се снајде сама кога непријателот ѝ ја принесува својата сладост. Тоа може да го разбере само оној кој преку опит ја вкусил благодатта на Светиот Дух. Кој Го вкусил Светиот Дух, тој по вкусот ја распознава благодатта.

Оној што без раководител сака да се занимава со молитвата, и кој гордо мисли дека може да се научи од книги и не оди кај својот старец, тој веќе наполу е во прелест. А на смирениот, пак, му помага Господ. И иако нема опитен наставник, а оди кај кој било духовник, тогаш, заради неговото смирение, Господ ќе го покрие.

Запомни дека во духовникот живее Светиот Дух, и дека тој ќе ти каже сè што е потребно. Но, ако помислиш дека духовникот живее небрежно, или како тоа може Светиот Дух да живее во него, тогаш за таквата помисла, многу ќе пострадаш. И Господ, за да те смири, ќе допушти да паднеш во прелест.

Молитвата се дава на оној што се моли, како што е кажано во Писмото. Но, молитвата само од навика, без скрушеност на срцето заради своите гревови, не Му е угодна на Господа.

Свети Силуан Атонски