Да си замислиме дека веќе настапил страшниот суд Христов. Секој нека си ја испита совеста, нека замисли дека Судијата веќе дошол и дека се открива сѐ, и дека сѐ станува јавно.

Па, ако веќе сега совеста е донесена во состојба на збунетост, кога уште не настапил денот на судот, кога просто сме се сетиле на него и само во мислите сме си го доловиле, што ли ќе биде со нас кога навистина ќе настапи денот во кој целата вселена ќе излезе на суд, каде што ќе се појават сите апостоли и архангели и другите небесни сили – денот кога луѓето вознесени на облаците ќе се соберат од сите краишта на земјата, кога сите ќе ги обземе страв, кога насекаде ќе затрубат труби и ќе се слушаат гласови што нема да замолчат?

Сега, кога влегува царот со својата придружба во некој град, секој од нас, бидејќи е свесен за својата нискост, не чувствува толку задоволство од таа глетка, колку што го обзема тага, од причина што не се наоѓа близу до него и што ни малку не може да соучествува во велелепноста од која е опкружен земниот цар – што ли ќе биде при доаѓањето на Царот Небесен? Воопшто не е можно да ја потцениш казната која ти е одредена, ако не бидеш вброен во војската на тие што ликуваат, ако засекогаш бидеш оддалечен од оние прослави, од оние неискажливи добрини? Кога се овде присутни и мракот и оковите што не се кинат, и црвот што не умира, и огнот што не гасне, и маките и непробојната темнина, и состојбата во  која се грчиме од неиздржливи болки, и кога никој на тоа не обраќа внимание – со што може да се спореди ваквото страдање?

Кои од овие души се понесреќни, кои се подостојни за сожалување?

Кога ќе влеземе во некоја темна зандана, и кога ќе видиме дека некои дури се исушиле од тагата, а други се наредени со тешки окови и страдаат од глад, тогаш запаѓаме во состојба на ужас, па на сите начини се пазиме себеси за некако да не стасаме на таквото место, што ли ќе биде со нас кога насилно ќе нѐ вовлечат во адот? Таму оковите не со од железо, туку од оган што никогаш не гасне; тамошните надзорници не се такви, за во нив да можеме да предизвикаме сострадание. Тоа ќе бидат ангели кон кои ќе имаме страв дури и да го упатиме својот поглед, бидејќи тие ќе бидат многу гневни на нас заради нашата непокорност кон Бога. Таму нема да биде како овде: не ќе има од оние кои, за да ти ги олеснат маките, ќе ти донесат: еден сребро, друг храна, трет збор на утеха и радост; таму сите ќе бидат туѓи. Дури и Ное, Јов и Даниил, ако здогледаат некого од своите роднини како страда, тие нема да се нафатат да бидат застапници за тие несреќници.

Тогаш ќе ни биде одземено секое сочувство, што е сега својствено на нашата природа. И сега се случува некои родители да се одречат од своите деца и да ги исклучат од бројот на своите роднини, доколку видат дека тие живеат развратно. На истиот начин ќе постапат и праведниците, и тие заедно со Господа ќе се исполнат со лутина, дури и кон своите еднокрвни ближни.

Затоа, никој нека не се надева дека ќе има утеха во оној живот, доколку во овој не направи ништо добро: „та секој да прими што заслужил, според она што го извршил во телото свое…“ (2 Кор. 5, 10). Мој впечаток е дека апостолот овде ги има предвид заблудените, но и сите други грешници, и дека сака да ги заплаши со казните што нив ги очекуваат.

Свети Јован Златоуст