Маките и болките на покајанието содржат во себе семе на утеха и исцелување. Таа тајна, преку плач му се открива на покајникот. Сите монаси, кои се очистиле од гревовите, се очистиле преку плач, и сите оние кои достигнале христијанско совршенство, го достигнале со плач. Овој подвиг беше развиен особено меѓу многуте подвижници на Долен Египет, во Скитската пустина, на Гората Нитриска, во ќелиите и другите осаменички места. Тој подвиг, соборите и војските монашки ги претвори во собори и војски ангелски.

Кога основачот на монашкото живеалиште во Скитската пустина, преподобниот Макариј Велики, кој и другите пустиножители го признаваа за Отец на Отците, дочекал длабока старост, монасите на Нитриската Гора, многу блиску до Скитот, го замолиле да ги посети пред неговото заминување кај Бога. Макариј дошол на гората, каде го пречекале мноштво монаси што се подвизувале на неа. Тие го замолиле за поука. Макариј просолзил, и им рекол: „Браќа, да заплачеме. Нека нашите очи пролеваат солзи до нашето заминување таму, каде што нашите солзи ќе ги горат нашите тела“. Тогаш сите заплакале, паднале со лицето на земја и рекле: „Оче, моли се за на“. Со својот дар на солзи, светиот учител на светите древни монаси, го изнел ова кратко учење за солзите, собирајќи го во него сето учење за монашкиот живот. Слушателите, изразувајќи го својот дар на солзи, покажале дека го разбрале значењето и големината на учењето. Тука не биле потребни многу зборови.

Дарот на солзи, тоа осенување со Божјата благодат, најповеќе ги посетува подвижниците во време на внимателна молитва, зашто е нејзин вообичаен плод. На некои им доаѓа за време на читање, а на други, за време на некоја друга работа. Така, на преподобниот Кирил Белозерски, солзи му доаѓале за време на работата во манастирската кујна. Гледајќи во вештествениот оган, тој се присеќавал на огнот на вечните маки, и плачел. Мислејќи дека во безмолвие неговото умиление ќе се засили и солзите ќе се намножат, посакал да се осами во ќелијата. По Божјо допуштение, околностите му овозможиле да ја исполни својата желба. И, што станало? Бидејќи исчезнала причината што го предизвикувало умилението, секнале и солзите, и Кирил го замолил настојникот да го врати кај огнот на манастирската кујна.

Светите Отци заповедаат да се престојува во оној подвиг во кој доаѓаат солзите. Зашто солзите се плод, а целта на монашкиот живот е да се достигне плодот преку оние средства кои Му се угодни на Бога. Преподобниот Теодор Енатски кажувал дека знае за монах кој молитвено тихувал во ќелијата плетејќи јажиња. Додека седел и плетел јажиња, исполнувајќи ја умната молитва, му доаѓале солзи. Тогаш станувал на молитва, но солзите веднаш престанувале. Штом ќе седнел и ќе почнел да работи, сосредоточувајќи ги мислите во себе, солзите повторно му доаѓале. Истото се случувало и кога ќе седнел да чита, и тогаш солзите му доаѓале. Штом ќе застанел на молитва, солзите веднаш секнувале. Само што ќе се фател за книгата повторно, солзите му надоаѓале. По повод ова, преподобниот рекол: „Точна е изреката на Светите отци дека плачот е учител. Тој го подучува секој човек на она што е за него корисно“.

Преподобниот Теодор Енатски кажувал: „Секој грев што го прави човекот е надвор од телото, а блудникот греши против своето сопствено тело, зашто од телото истекува нечистотија која го осквернува. Така, и секоја добродетел е надвор од телото, а оној што секојдневно плаче го очистува и телото. Зашто солзата што истекува, го измива телото од нечистотија“. „Оној што вистински се кае – според зборовите на свети Јован Лествичник – признава дека секој ден во кој не плачел е загубен, иако во текот на истиот ден да сторил и нешто добро“.

Колку и да ни е возвишен животот, ако не стекнеме срце скрушено, тоа е живот дволичен и бесплоден. Потребно е, навистина им е потребно, на оние кои се оскверниле после бањата на обновувањето, после своето крштевање, да ги чистат своите раце со постојаниот оган на своето срце и со милоста Божја. Пријатели мои, кога душата ќе го напушти телото, нема да бидеме обвинети заради тоа што не сме биле чудотворци, што не сме биле богослови и не сме имале духовни виденија, но неизоставно ќе одговараме пред Бога за тоа што не сме плачеле непрестајно, т.е. што не сме престојувале во постојаната спасителна тага заради нашите гревови и заради нашата гревовност.

И покрај тоа што плачот речиси секогаш е овенчан со поголемо или помало изобилство од солзи, некои подвижници, како што се гледа од утешното слово кое им го упатиле Светите отци, се мачат или во текот на сиот свој подвиг, или во текот на некое извесно време, притиснати од плачот, но не добиваат солзи за утеха и олеснение. Тоа е така, за да знаат дека суштината на покајанието се состои во смирението и скрушеноста на нашиот дух, кога духот плаче од смирение. Плачот на духот, при недостаток на телесни сили за да се изрази подвигот и резултатот на покајанието кое дејствува во душата, ги заменува со себе сите телесни подвизи и дејствија, а меѓу нив и солзите. Амин!

Свети Игнатиј Брјанчанинов