Голема е силата на нашата вера! Митарот, откако ја остави срамната служба, стана Христов ученик; се разбира и блудницата, која принесе солзи на покајание пред нозете на Христа, па се изми од своето нечисто блудство; исто така и благоразумниот разбојник, преку исповед постигна прекрасна придобивка: а тоа е рајот!

Искачениот на дрвото, Кој претходно го беше издигнал рајското дрво, вели: Јас згазив врз жлебот и никој немаше покрај Мене – ниту ангел, ниту пророк, ниту цар, никој од праведните не беше со Мене! Едниот што беше покрај Мене не ми помогна во смртта, а можеше да го наследи рајот. Беше со Мене на дрвото – но во борбата со смртта не Ми помогна. О, необично и чудно дело! Разбојникот е со Христа – а ученикот Јуда со ѓаволот: светлината стана темнина – а темнината се претвори во светлина, јагнето стана волк – волкот, пак, јагне! Разбојникот, висејќи на своите раце, пробиени од клинци, со вера Го поздравил Христа, велејќи: „Сети се на мене, Господи, кога ќе бидеш во царството Свое!“ (Лука 23, 42); ученикот пак, принесувајќи поздрав со устата, во срцето свое приготвил меч; од устата прозвучела радост – во срцето пак, имало подлост кога рекол: „Радувај се Учителе!“ Милосрдниот Владика, победувајќи ја со трпение несправедливоста на предавникот, прекрасно одговорил: „Пријателе, зошто си дошол?“ Те поздравувам, Јудо, но не за да ти одговорам со љубовта што ти ја отфрли, а за да те лишам од благодатта што ти е дадена, зашто треба да знаеш дека недостојниот сад не може во себе да го држи небесното миро!

Разбојникот вели: јас гледам дека целата природа е во метеж и трепет и Го откривам во Оној Кој виси на дрвото Господарот на созданието. Ако Он не беше Творец на вселената и сонцето, гледајќи Го оголен и распнат, тоа не би ги скрило своите зраци од благоговение и не би ги покрило со мрак Неговите непријатели. Ако Он не беше Творец на небото и земјата – небото не ќе сакаше да се облече во мрак, како во жалост, гледајќи Го распнат и понижен. Ако Он не беше Владетел на целата земја – таа не би се разделила до дното, кога беше оросена со крвта од Неговите ребра. Ако Он не беше Господар на животот и смртта – смртта, откако пристапила кон Него, не би била поразена и гробовите на светиите не би се отвориле. Ако Он не беше Господар на храмот – храмот, гледајќи Го како виси на крстот, не би ја раскинал својата завеса. Ако Он не беше Оној, Кој не ја сака смртта на грешниците, Он не би се молел за нив вака: „Оче, прости им, оти не знаат што прават!“ (Лука 23, 34). Неговата смрт устроила сѐ за доброто на човечкиот род. Срдечните опоненти нека си го објаснат тоа што му го рекол на разбојникот: денес ќе бидеш со Мене во рајот! Таа вера ја распространувале нашите отци. Така тие Го прославиле Недостижниот, откако поверувале и не се занимавале со нешто што не треба да се иследува: „Денес ќе бидеш со Мене во рајот“ – рекол, и станало! Ние, пак, би рекле: милосрден Владико, како тоа праведниците да стојат надвор од рајот, а разбојникот го воведуваш во него? Да, разбојникот го воведувам прв во рајот, за да го убедам светот во тоа дека не сум дошол да ги повикам праведниците, но грешниците на покајание.

Св. Јован Златоуст