Светата Тајна Исповед и Покајание, е спасоносна Света Тајна и е една од седумте Свети Тајни на нашата Црква, втора по Светото Крштение. Светото Крштение им ја дава благодатта на отпуштање на првородниот грев на оние што се крштеваат во Името на Отецот и Синот и Светиот Дух. Затоа, оние што се крстени во Името на Света Троица добиваат отпуштање на своите минати гревови. Слично се случува и преку Светата Тајна Исповед и Покајание. Човекот преку Светата Тајна Исповед прима „второ крштевање“ и се исчистува од гревовите направени по Светото Крштение. Кога човекот ќе се покае и ќе ги исповеда своите гревови, и ќе одлучи повеќе истите да не ги прави, туку да ги мрази, нему веднаш му се простуваат сите негови гревови и падови. Тој, истиот миг станува праведен, како што и распнатиот од десно разбојник на крстот веднаш го доби Рајот, бидејќи се покаја.

Господ му ги прости гревовите на разбојникот и го воведе во Рајот, зашто го виде неговото покајание; тоа покајание не било како кај повеќето луѓе, особено денешниве, кои не се каат искрено, туку лицемерно и лажно, бидејќи не сакаат да се покаат со сето свое срце, туку само со усните и јазикот. Господ ѝ ги прости гревовите и на прељубницата која се каеше. Истото се случува и со секој човек кој вистински ќе се покае и ќе ги исповеда своите гревови. Тој од Бога, преку духовникот, добива простување на гревовите и повторно духовно се раѓа. Св. Григориј Богослов вели: „Леењето на солзи е еднакво на крштелната бања и искрените повици повторно ја привлекуваат благодатта на Светиот Дух, која човекот претходно ја загубил“.

Гревот ја оддалечува благодатта Божја од човекот. Кога прави грев, грешникот се оддалечува од Бога и му пристапува на ѓаволот, кој го дочекува со „отворени“ раце и веднаш се „спријателува“ со него. Човекот тогаш престанува да биде пријател и ученик Христов и станува пријател, ученик, слуга и роб на ѓаволот. Човекот, кој се одрекува од ветувањето кое го дал на Крштението станува пријател на ѓаволот, на кого плукнал при крштевањето, и кога ветил дека ќе ги мрази сите негови дела. Но, кога таквиот грешник – кој, иако преку Светата Крв Христова примил искупување од вечното проклетство и станал дете Божјо и со гревовите го отфрлил Бога и Неговите добрини – ќе се покае, ќе ги исповеда своите гревови, и со покајни повици ќе пролее солзи на покајание, тој од Бога прима осветување и спасение, без оглед на тоа какви гревови претходно направил. Тој, преку покајанието станува наследник на Царството Небесно.

Старец Филотеј Зервакос