Господ вели: „Милост сакам, а не жртва“.
Он, Многумилостивиот, од нас бара милост, милосрдност, незлобливост и трпение кон нашите ближни. Он е подготвен секогаш да ни помага во секое добро дело. Ако ти е злобно срцето, тогаш покајнички барај Он да ти го омекне, да те направи кроток и долготрпелив. „Сине, дај ми го твоето срце“ – вели Господ.
Сеејќи го околу себе семето на љубовта и милосрдноста, ние ја привлекуваме Господовата милосрдност кон самите себе. Тогаш, кога ќе му дадеме на сиромашниот, на гладниот, на оној кој има потреба, тогаш, кога утешувајќи го, сострадуваме заедно со оној што страда, што плаче – ние го привлекуваме благословот Божји кон нас.
Во Светото Писмо е речено: „Кој прави добро на сиромав, Му дава заем на Господа“ (Изрек. 19, 17). А Господ секогаш штедро ни возвраќа со Своето татковско дарување.
Блажен е оној, кој помислува на бедниот! Во денот на неговата сиромаштија ќе го избави Господ. Господ ќе го пази и чува во животот… Господ ќе го укрепи на болничкото легло.
Еве какви се плодовите на оваа добродетел, на оваа света заповед, на овој христијански закон за љубовта и милосрдието, која е дадена од нашиот Господ и Спасител на сите нас, и која треба постојано да ја исполнуваме во нашиот земен живот.
Старец Теофил Росоха