Таа бргу се пренесува од едниот крај на светот до другиот, сè уредува за да биде полезно.
Ја засакав и од младоста ја побарав, посакав да ми биде невеста, се вљубив во нејзината убавина.
Благородството свое го издигнува со тоа што живее заедно со Бога; неа ја засакал Владетелот на сите;
посветена е во тајните на Божјиот ум, ги избира Божјите дела.
Ако богатството е многу сакана придобивка во овој живот, тогаш што е побогато од мудроста, која создава сè?
Ако благоразумноста прави многу, тогаш кој е подобар уметник од неа?
Ако некој сака праведност, добродетелите се нејзини плодови; таа поучува на умереност и разумност, на справедливост и храброст, од кои за луѓето нема ништо покорисно во животот.
Ако некој копнее по голема опитност, мудроста одамна го знае минатото и ја предвидува иднината, ја знае длабоката смисла на зборовите и значењето на загатките, однапред ги знае знаците и чудата и последиците од годините и времињата.
Затоа одлучив да си ја земам за другарка во животот, знаејќи дека ќе ми биде советничка за доброто и утешителка во грижите и жалостите.
Преку неа ќе имам слава во народот и чест пред старците, иако сум млад.
На судот остроумен ќе се покажам, ќе се вчудовидуваат големците, кога ќе застанам пред нив.
Кога молчам – ќе чекаат, кога ќе почнам да говорам – ќе внимаваат, а кога ќе продолжам – раката на устата своја ќе ја стават.
Со неа бесмртност ќе придобијам, вечен спомен ќе оставам за оние што ќе дојдат по мене.
Ќе владеам со народи, а племињата ќе се покоруваат.
Ако се уплашат страшните тирани кога ќе чујат за мене; со народот мој храбар во војна и добар ќе бидам.
Кога дома ќе се вратам, спокој покрај неа ќе најдам, во другарувањето со неа нема грубости и болка во животот, туку само радост и веселба.
И, откако така за сè во себеси размислив и во срцето свое обмислив, дека бесмртноста е во роднинство со мудроста,
а во дружбата со неа – вистинската наслада, во трудовите на нејзините раце – нејзиното неисцрпно богатство; во разговорот со неа – разумот, а прифаќајќи ги зборовите нејзини – славата; тогаш појдов и барав како да ја придобијам.
Бев даровит младич и бев се здобил со добра душа.
Па, бидејќи бев добар, влегов во чисто тело.
И откако сфатив дека мудроста не можам да ја придобијам, ако Бог не ми ја подари, и дека разумноста требаше да знае чиј е тој дар, – јас пристапив кон Господа и Му се помолив и од сè срце Му реков;
Книга Мудрост Соломонова (8 гл. 1-21)