Сите ние на земјата се мачиме и ја бараме слободата. Но, малкумина знаат каде се наоѓа.
И јас ја сакам слободата. И дење – ноќе ја барам. Познав дека таа е во Бога! И дека од Бога им се дава на смирените по срце, на оние кои се покајале и ја скршиле својата волја пред Него. На оние што се каат, Господ им го дава Своето смирение и слободата за да Го љубат Него. И нема ништо подобро на светот од тоа да се љуби Бог и ближниот. Душата наоѓа спокој и милност.
О, сите народи на земјата, паѓам пред вас на колена, и солзејќи ве молам: пријдете кон Христа! Јас се уверив во Неговата љубов спрема вас. Јас знам и затоа ѝ викам на целата земја. Ако нешто знаеш, невозможно е да не проговориш за тоа!
Ќе прашаш: „Како е можно да се знае Бог?“ А јас велам, ние Го видовме Господа преку Светиот Дух. И тебе, ако се смириш себеси, Светиот Дух ќе ти Го покаже нашиот Господ. Тогаш и ти ќе посакаш да ѝ крикнеш на целата земја за Него.
Јас сум стар, и чекајќи ја смртта, ја пишувам вистината заради љубовта спрема народот, заради кого тагува мојата душа. Можеби, барем една душа ќе се спаси. И за неа ќе Му благодарам на Бога. Но, моето срце страда за целиот свет, и се молам, и пролевам солзи за сите, за да се покајат и да Го познаат Бога, и живеејќи во љубов да ѝ се насладуваат на слободата во Бога.
О, сите луѓе на земјата, молете се и плачете испросувајќи прошка за вашите гревови. Каде што има простување на гревовите, таму е слободата на совеста и на љубовта.
Господ не ја сака смртта на грешникот. На покајникот Он му ја дарува благодатта на Светиот Дух. Таа душата ја облева со смирение и со слобода за со умот и со срцето да биде во Бога. Кога Светиот Дух ни ги проштева гревовите, душата се ослободува за да се моли на Бога со чист ум. Тогаш, таа слободно Го созерцува Бога, бивајќи спокојна и радосна во Него. Без Бога нема слобода, бидејќи демоните ја разнебитуваат душата, внесувајќи ѝ лоши помисли.
Ја кажувам вистината пред сиот свет: јас сум недостоен пред Бога, и ќе очајував за моето спасение, ако Бог не ми ја подадеше благодатта на Светиот Дух. Светиот Дух ме научи, и затоа пишувам за Бога без напор.
Тагувам, и плачам, и пискотам заради луѓето. Мнозина мислат: многу згрешив: убивав, крадев, насилствував, клеветев, блудничев, и многу други нешта сторив. Тие засрамени не се покајуваат, заборавајќи дека сите нивни гревови пред Бога се како капка во морето.
О, браќа мои, цела земјо, покајте се додека има време. Бог милостиво го чека нашето покајание. Бидејќи Бог е љубов, и Светиот Дух во светиите е љубов. Барај, и Господ ќе ти прости! А кога ќе добиеш проштевање на гревовите, тогаш твојата душа ќе биде радосна и весела. Благодатта на Светиот Дух ќе ја обземе твојата душа и ти ќе речеш: „Ете ја вистинската слобода. Таа е во Бога и од Бога“.
Благодатта Божја не ја одзема слободата, туку ни помага да ги исполниме Божјите заповеди. Адам ја имаше благодатта, но неговата волја не му беше одземена. Така, и Ангелите престојуваат во Светиот Дух, имајќи ја слободната волја.
Мнозина не го знаат патот на спасението, талкаат во темнина, не гледајќи ја Светлината на Вистината. А Он беше, Е и ќе биде. И милостиво сите нѐ повикува кон Себе: „Дојдете при Мене сите изморени и обременети, познајте Ме Мене, а Јас ќе ви го дадам спокојот и слободата“.
Вистински сме слободни, кога сме во Бога. Јас порано не го знаев тоа. До мојата дваесет и седма година, јас само верував дека Бог постои, но не Го знаев. А кога мојата душа Го позна преку Светиот Дух, почнав огнено да настојувам да бидам со Него. И сега, со жар Го барам дење – ноќе.
Господ сака да се љубиме еден со друг. Во љубовта е слободата! Во љубовта спрема Бога и спрема ближниот. Во љубовта е слободата на еднаквоста. Во земните чинови не постои еднаквост. Но, за душата тоа не е значајно. Не може секој да биде цар, кнез, патријарх, игумен, или старешина. Но, во секое чинодејствие може да се љуби Бог и да Му се угодува. Само тоа е значајно. И кој повеќе Го љуби Бога на земјата, тој ќе биде во поголема слава во Царството. Кој посилно љуби, поупорно се стреми кон Бога, бивајќи поблиску до Него. Секој ќе биде прославен според силата на својата љубов. Јас се уверив дека љубовта може да биде различна според својата сила.
Кој се плаши од Бога, нека биде предострожен да не Го нажали со што и да е. Тоа е првата љубов. Кој има ум со чисти помисли, тоа е втората, поголема од првата. Кој јасно ја чувствува благодатта во својата душа, тоа е третата љубов, уште поголема.
Четвртата, совршена љубов спрема Бога, ја имаат оние кај коишто благодатта на Светиот Дух е и во душата и во телото. Нивните тела се осветуваат и ќе станат мошти. Така се случува кај големите свети маченици, кај пророците, кај преподобните. Кој го достигнал ова ниво, тој е неприкосновен за телесната љубов. Тој слободно може да спие покрај мома, а кај него да не се побуди никаква желба спрема неа. Љубовта Божја е посилна од љубовта спрема жената, којашто го привлекува целиот свет, освен оние што ја поседуваат благодатта Божја во полнота. Оти сладоста на Светиот Дух го преродува целиот човек, и го учи да Го љуби Бога целосно. Од полнотата на Божјата љубов, душата е недопирлива за светот. Дури и да живее на земјата, среде другите луѓе, човекот од љубовта Божја, го заборава световното. И тешко нам, оти заради суетноста на нашиот ум, не заслужуваме да останеме во таа благодат. Таа ја напушта душата, којашто плачејќи и крикнувајќи ја бара:
„Тагува душата моја по Господа“.
Старец Силуан Атонски