Пред сè, да Го прославиме Синот, почитувајќи ја крвта, која стана очистување за нашите слабости. Ништо не постоело пред великиот Отец, зашто Тој опфаќа сè во Себеси. Него Го познава неразделниот од Отца Син – родениот од Отца, безлетниот Син, Словото на Великиот Бог. Образот на Првообразот, Естество рамно на Родителот, зашто славата на Отца е великиот Син. А како се јавил Он на Отца – тоа го знае само единиот Отец и Он, Кој се јавил од Отца, оти никој не бил близу до Бога.

Впрочем, мене несомнено ми е познато, а и на секој човек, дека не може да се препише на Бога раѓање човечко. Ако човек станува родител не без страдање, зашто е составен од органи – не следува ли од тоа, дека подлежи на страдање и Оној, Кој воопшто е несложен и бестелесен. Има ли нешто восхитувачко во тоа, ако оние, кои се далечни еден од друг по природа, различни се и по раѓање?! Ако времето е постаро од мене – тоа не било пред Словото, на Кого Родителот е безлетен. Како што во Отца не наоѓаме ништо што ќе ни даде повод да мислиме за нешто повисоко од безначалниот Бог – така и Синот Божји го има Својот почеток во безлетниот Отец, подобно на тоа, како што начело на светлината е величествениот и прекрасен диск на сонцето. Не разделувај го Бога од Бога, зашто не можеш да посочиш таков син, кој од далеку ќе се разликува од својот татко!

Семудар човеку, ако ти, сакајќи да Го возвеличиш божеството на великиот Отец и напразно вселувајќи во своето срце пуст страв, го отфрлуваш раѓањето и го поставуваш Христа во редот на тварите – ти го оскрбуваш божеството и на Двајцата: во тебе Отецот е лишен од Сина Си и Христос не е Бог, штом ти мислиш дека е создаден. Навистина, Тој бил смртен – но е Бог; од родот на Давида – но е создател на Адама; плотоносец – но е бестелесен; опишан по мајка Девица – но е неизмерлив. Положен во јасли – но ѕвездата ги довела при Него мудреците, кои Му принеле дарови и свиле колена пред Него.

Како човек Он се борел во Себеси, но, како непобедлив, во трикратната борба го поразил искушувачот. Он вкусувал храна – но хранел илјадници и ја претворил водата во вино. Се крстил – но Духот громогласно Го провозгласил за Син на Безначалниот и ги очистил гревовите. Како смртен, Он се внесувал во сон – но како Бог го скротувал морето. Он се изморувал на пат – но давал сила на слабите. Он се молел на Бога – но ги примал и молбите на смртните. Он бил жртва – но и Архијереј; бил жрец – но и Бог; принел крв во дар на Бога – но го очистил целиот свет; бил распнат на крст – но таму го приковал гревот на човекот.

Има ли потреба сè подробно да набројувам? Он се вброил во смртните, но воскреснал од мртвите, а пред тоа, Самиот воскреснувал мртовци. Ако едното ја разоткрива мизеријата на смртниот – другото го покажува богатството на Бесплотниот. Ти, гледајќи го во Него својственото на смртните, барем ни најмалку, не бесчести го Божеството. Тоа го направило славен твојот земјен образ, кој бил оформен, од љубов кон тебе, од нетлениот Син.

Свети Григориј Богослов