Оној што во својата молитва говори многу со устата, тешко бива свесен за сето она што го изговара; но оној што се моли без многу зборови, може да биде свесен што говори во молитвата. На оние што не осознаваат добро сѐ што говорат, им се наложува многу да зборуваат, оние пак, кои се научиле точно да знаат што говорат во молитвата, не се во состојба да зборуваат многу, за да не се расејуваат со умот. Нема потреба да Му се кажува многу на Бога. Напротив, потребно е само малку, но тоа да биде со разумно сознание, т.е. да биде разбрано она што се говори. Сепак, молитвата со разумно сознание никако не е возможна ако претходно не се стане причесник на Светиот Дух. Ако некој не се соедини со Бога, преку Господ Исус Христос, во Светиот Дух, неговата душа не може да се моли со разумно сознание, како што вели еден од великите Отци: „Она, со чија сила се молиме како што треба, е Светиот Дух“.

Виденијата на сон (тие не треба да се нарекуваат сонови, ами виденија) може да бидат вистинити само кај оние чиј ум преку благодатта на Светиот Дух станал едноставен и слободен од секој притисок од страна на страстите и од робувањето на нив. Кај нив сите грижи се однесуваат само на божественото и сите мисли на идните награди и дарувања. Тие живеат живот над животот, безгрижен, тивок, чист, исполнет со милост, мудрост, со знаење за небесното и за другите добри плодови кои ним им се дарувани од Светиот Дух. Кај оние, пак, кои не се такви, соновите се лажни и хаотични, и сѐ во нив е чиста измама и прелест.

Нешто се внесува во нашиот спасителен живот од нас самите, а нешто ни се дава од Бога. Колку повеќе се очистуваме со посредство на нашите сопствени трудови и пот, толку повеќе светиме со божествената светлина, и толку повеќе се чистиме принесувајќи ги нашите сопствени солзи, и наместо нив од Бога ја добиваме светлината на скрушеноста.

Каде има длабоко смирение, таму има и обилни солзи; а каде ова се случува, таму е и присуството на Светиот Дух; кога ќе дојде благодатта на Духот, Кому длабоко Му се поклонуваме, тогаш во оној кој е под Неговото дејство, се јавува секоја чистота и светост. Тогаш тој Го гледа Бога, и Бог погледнува на него. Зашто Господ вели: „Еве на кого ќе погледнам, на смирениот и паднатиот со дух и на оној што трепери пред Моето слово“ (Ис. 66, 2).

Свети Симеон Нов Богослов