Велиш дека тешко го носиш послушанието – и слава Му на Бога! Тоа што ти е наложено – е самиот крст. Тогаш кога нешто ти заповедаат, е исто како со клинци да те приковуваат на Христовиот крст! Носи го Христовото бреме „Оди, продај го имотот свој и раздели го на сиромаси, и ќе имаш сокровиште на небото; па дојди и врви по Мене“ (Mт. 19, 21).

„Продај го имотот свој“ – значи да ја отсечеш својата волја и да Му служиш на Бога со самоодрекување и послушание. Сè што ќе ти дадат да носиш, носи го без роптање и притоа секогаш имај на ум дека си грешник. Размислувај за тоа, како на крстот благоразумниот разбојник, откако ги осознал своите гревови, извикал: „Спомни си за мене, Господи, кога ќе дојдеш во Царството Свое!“ И ние така да извикаме кон Господа Бога. Додека ти трае послушанието постојано вели си: „Боже, биди милостив кон мене грешниот! Спомни си за мене, Господи, кога ќе дојдеш во Царството Свое!“.

Како пример треба да го имаме Господа Исуса Христа. Он, иако е безгрешен, сепак страда за нас на Крстот! Зраците од Неговото милосрдие нè озаруваат и ја палат во нас надежта и пламената вера, дека Он, Милосрдниот, ќе ги олесни нашите страдања, бидејќи ние ги носиме овие послушанија заради Него и заради нашето спасение. Со Него ќе страдаме, но со Него и ќе се прославиме.

Иако сме неумесни во молитвата, сепак трудот и послушанието нека бидат нашата жртва наместо усната молитва. Срцето нека биде чисто, скрушено и смирено, и Бог нема да го отфрли, туку ќе дојде и ќе создаде Своја обител во нас. Само смирените срца можат да бидат престоли и жртви. Ние ќе станеме небо, во моментот кога Бог со Својата благодат ќе се всели во нашите срца.

Тогаш ќе почнеме да живееме со небесната радост, и ќе бидеме опкружени со светите ангели, со пророците, апостолите, мачениците, преподобните, праведниците и со сите светии…

Колку добро и колку весело ќе биде да се упокоиш во таква околина! Оние кои на тој начин ќе се смират себеси, торжествено ќе се вознесат пред Царот на Славата.

Смирувај го и омекнувај своето срце, и тоа самото ќе те научи.

Старец Гаврил (Зирјанов)