Ако оние кои ги чуваат вратите на Царството Небесно, во некој христијанин не го видат Христовиот образ, како што синот личи на таткото, сигурно нема да му отворат и да му дозволат да влезе низ нив. Исто и тие кои личат на стариот Адам, т.е. ја прекршиле Божјата заповед, ќе останат лишени од Царството, и покрај тоа што во никој случај не се виновни затоа што се истообразни на праотецот Адам. Христијаните, кои се како новиот Адам, т.е. како нивниот отец Христос, ќе влезат во Царството Небесно, иако нивната истообразност со Исуса не е нивна заслуга, бидејќи ја примиле преку верата во Христа.

Христоликоста е во вистината, кротоста и праведноста, пропратена со смирението и љубовта спрема сите луѓе.

Вистината се чува во сите човечки слова, а кротоста во сите останати зборови, кои ќе ги изречат другите луѓе за него, бидејќи оној кој е кроток, било да е окружен со пофалби или навреди, тој останува бестрасен и ниту се возвишува во пофалбите, ниту се понижува во навредите.

Праведноста се гледа во сите дела, бидејќи како што тежината на природните нешта ја одредуваме со помош на вага, и како што квалитетот на златото го оценуваме после полирањето, исто така во ниту еден наш подвиг не се одвојуваме од границите на праведноста, ако под нив ги подразбираме оние мерки кои нам ни ги дал нашиот Господ.

Смирението, како некакво богатство вообличено во умот што не може да се отуѓи, има убедување дека само со силата на благодатта примена од Христа, во човекот може да се видат доблестите кои ги поседува. А тие се: вистината, кротоста и праведноста. Љубовта е боголикост за човечкиот род, бидејќи им прави добро на сите луѓе, и на благочестивите и на неблагочестивите, и на добрите и на злите, и на познатите и на непознатите, исто како што и Бог на сите им прави добро, и ги осветлува со сонцето и праведните и неправедните, им праќа дожд и на злите и на добрите.

Според тоа, оние кои го примаат сето ова од Христа, стануваат слични на Него, исто како што синот личи на таткото. Од таа причина Бог стана човек, и низ таа заедница на Бога со човечката природа, Божественото Битие владее со човечкото, како што е и запишано: „Препаши го на бедрото мечот Свој, о Силнику: во Својата красота и убавина! И така украсен, поитај и царствувај заради вистината, кротоста и правдата, и Твојата десница ќе покаже чудесни дела“. (Пс. 44, 3-4).

Според тоа, оној што ги нема доблестите кои горе ги спомнавме и за кого Христос не дошол да биде цар, тој не е христолик, и е недостоен да влезе во Царството Небесно. Навистина е така, и сите подвизи се залудни, ако не се насочени кон здобивање на тие доблести.

Затоа, браќа, со помош на овие доблести, непрестајно да се стремиме кон уподобување на Христа, како би биле удостоени со Неговото Царство. Нему нека му е слава, чест и поклонение во вечни векови. Амин!

Свети Симеон Нов Богослов