Солзите пролеани поради гревовите на почетокот се горки. Тие течат при болка и мака на душата, и духот тоа му го пренесува на телото. Малку по малку, со солзите ќе дојде и утехата, која се состои од едно особено спокојство, од чувство на кротост и смирение. Истовремено, сразмерно и сообразно на утехата која ја даваат, самите солзи се менуваат губејќи ја во голема мера горчината и тие истекуваат безболно или со помала болка. На почетокот се оскудни и доаѓаат ретко. Потоа, малку по малку, почнуваат да навираат почесто и стануваат пообилни. Тогаш, кога по Божја милост дарот на солзи ќе се засили во нас, се смирува внатрешната борба, стивнуваат помислите, почнува да дејствува и особено да се развива умната молитва или молитвата на духот, проникнувајќи и развеселувајќи го внатрешниот човек. Тогаш се тргнува од умот покривалото на страстите, и нему му се открива тајното учење Христово. Тогаш горките солзи стануваат слатки. Тогаш во срцето бие духовната утеха, на која не ѝ е соодветно ништо од земните радости, и која им е позната само на оние што се вежбаат во молитвениот плач и го имаат дарот на солзите. Тогаш се остварува ветувањето Господово: Блажени се оние што плачат, оти ќе се утешат. Тогаш, вдахновен од сведоштвото на Светиот Дух, подвижникот си вели самиот на себе: Господ ги пази слабите: бев на мака и Он ми помогна. Врати се душо моја во својот мир, зашто Господ добро ти прави, бидејќи душата ми ја истргна од смртта, а очите мои од солзите и нозете мои од сопнување.
Во плачот на светиот пророк Еремија е живописно изобразена состојбата на монахот кој го согледал падот на човечката природа и кого веќе не го опрелестуваат соблазните на минливиот свет, така што тој целосно го устремил погледот на душата кон таквиот пад и во длабока осаменост се предал на силниот плач. И кога Израилот беше одведен во ропство – вели Светото Писмо – и Ерусалим беше опустен, седна да плаче пророкот Еремија, и ридаше и кукаше над Ерусалим. Нема веќе помош за Ерусалим, сѐ е веќе напразно, остана само плачот по него. А пророкот одамна му пророкуваше со својата постојана пророчка реч; сега нема кој да ја слушне таа реч. Не само што нема луѓе, нема ни зданија, останале само урнатини. Над нив можат да одекнат само риданијата. Никој не ги разбира тие лелеци, и никој не се обидува да ги разбере. Низ нив пророкот ја изразува неискажливата и тешка своја тага. Одекнува од урнатините лелекот низ пустината; и тоа го слуша Бог од небото. Каква е положбата на пророкот? Тој е осамен меѓу бројните урнатини на градот. Сам е и жив среде многуте мртви знаменија и сведоштва од минатиот живот. Сам е во централната област на смртта. Бидејќи е жив, го подигнува гласот на тагата по загубениот живот. Го повикува животот да се врати во неговото напуштено живеалиште и да ја замени страшната и бесчувствителна смрт. Како се случи градот, некогаш полн со народ, да остане сам? Како стана вдовец некогаш големиот меѓу народите, кнезот над областите, што сега плаќа данок.
Пророкот го означува умот на монахот, просветлен од богооткриеното учење. Големиот град – тоа е самиот човек создаден од Бога. Жителите на градот – се својствата на душата и телото. Незнабошците – тоа се демоните, кои беа унижени уште пред падот на човекот, а потоа станаа негови господари. И самиот монах, и сите луѓе, се наоѓаат во состојба на пад. Тој плаче за себе и за сите луѓе. Но монахот плаче сам зашто единствено тој, при светлоста на Словото Божјо, го гледа падот на човештвото. Другите луѓе не го гледаат, не земаат учество во плачот, и за оној што плаче сметаат дека се лишил од разумот. А монахот плаче во свое име и во име на целото човештво. Не можејќи да се одвои од човештвото, заради љубовта и заради своето сродство со него, монахот плаче и за себе и за целото човештво.
Ја оплакува, заедничката за сите, падната природа. Тој плаче сам над мртвите урнатини, помеѓу расфрланите купишта камења. Урнатините и камењата се слика на човештвото поразено од бесчувственоста, човештвото кое не ги чувствува и не ги разбира својот пад и вечната смрт, и нема трошка грижа за нив. Монахот плаче сам, и плачот негов го разбира единствено Бог. Горко плаче ноќе, за време на својот земен живот, а солзите му паѓаат по образите. Од сите оние што го сакаа, сега никој нема да го утеши; сите негови пријатели го изневерија и му станаа непријатели. За да се заплаче со плач по Бога, нужно е оддалечување од светот и од луѓето, треба да се умре за светот и за луѓето, да се осами човек со своето срце и ум. „Остави ги сите грижи, тоа ќе ти помогне да се приближиш кон градот на безмолвието. Ако не внимаваш, нема да успееш да се вселиш во него. Ако пак умреш за секој човек, ќе станеш наследник на градот и на неговите ризници“ – му рекол Варсануфиј Велики на монахот кој се подготвувал за безмолвие и отшелништво во гробната ќелија, тоа омилено пребивалиште на молитвениот плач. Јудејците кои беа во Вавилонското ропство се израз на сликата за доброволно поднесување на јадот и жалоста, т.е. тоа е слика на телесните лишувања и подвизи на кои се подложува монахот, со цел да се покае. Тоа е изобразба на оној јад и душевен бол што на него, заради очистување од гревовите, ги пушта Божјата промислата. Духовниот водач на подвизите – плачот, испраќа од урнатините на Ерусалим, каде што безмолвува во осаменост, послание до нив. Во посланието, по истекот на извесно време, тој им ветува на поробените ослободување. Горкиот плач има свој рок, и за чашата на доброволни и неволни горчини има мера. Тежината на мерата на сето тоа ја одредува Бог, како што кажа и светиот цар Давид: Ќе нѐ храниш ли со солзлив леб, и ќе нѐ напојуваш ли со солзи изобилно? Зашто солзите мои, во заветот Твој, си ги ставил пред себе како средство за очистување, помилување и спасение. Имаше денови кога солзите мои беа леб за мене и дење и ноќе. По нив дојдоа денови во кои, заради тоа што се намножуваа гревовите во срцето мое, Твоите утехи ја развеселуваа душата моја. Кога Господ ги врати Сионските заробеници, ние бевме како утешени. Тогаш устата ни се исполни со радост, и јазикот наш со весела песна. А ти Јакове, слуго Мој, не бој се – му објавува вдахновениот Еремија на избраниот народ во името на Бога, кој заради гревовите свои беше од Бога пуштен во Вавилонското ропство – и не плаши се, Израиле. Еве, Јас ќе те избавам од далечната земја и семето твое од земјата на нивното ропство и ќе се врати Јаков и ќе живее спокојно и мирно и никој нема да го заплашува.
Св. Игнатиј Брјанчанинов