И тогаш му беше откриена тајната на Даниила во ноќно време, и Даниил го благослови Небесниот Бог.

И рече тогаш: „Нека е благословено името Господово од век до века, зашто во Него има мудрост и сила.

Он ги менува времињата и годините, соборува и поставува цареви, дава мудрост на мудрите и знаење на разумните.

Он го открива она што е длабоко и сокриено, знае што има во темнината, а светлината живее со Него.

Те прославувам и величам Боже на моите татковци, затоа што ми даде мудрост и сила и ми го откри она за што Те молевме; оти Ти ни го откри сонот на царот.“

Потоа Даниил отиде при Ариох, кому царот му беше заповедал да ги убие мудреците вавилонски, влезе и му рече: „Не убивај ги мудреците вавилонски; одведи ме при царот и јас ќе му откријам што означува сонот.“

Тогаш Ариох веднаш го одведе Даниила кај царот и му рече: „При заробените синови на Јуда најдов човек кој може да му открие на царот што означува сонот.“

Царот му рече на Даниила, кој беше преименуван во Валтазар: „Можеш ли да ми го кажеш сонот што го видов и што означува тој?“

Даниил му одговори на царот и рече: „Тајната за која царот прашува не можат да му ја откријат ни мудреците, ни маѓапесниците, ни јасновидците, ни гледачите.

Но на небесата има Бог, Кој открива тајни; и Он ќе му открие на царот Навуходоносор сè што ќе се збидне во последните денови. Твојот сон и она што го видела главата твоја на твоето легло, е ова:

Ти царе, на леглото свое си мислеше што ќе се случи после, и Оној Кој открива тајни ти покажа што ќе се случи.

А мене таа тајна ми се откри, не за да бидам помудар од сите живи, туку за да му биде откриена на царот смислата, и за да ги узнаеш мислите на срцето свое.

Твоето видение, царе, е вакво; ете, некаков си голем, огромен лик, стоеше пред тебе во голема светлина, и погледот му беше страшен.

Главата на тој лик му беше од чисто злато, градите и рацете од сребро, додека стомакот и бедрата негови беа бакарни.

Потколениците му беа железни, а нозете дел железни, а дел глинени.

Ти го гледаше, додека еден камен самиот не се откачи од планината, па удри во идолот, во неговите железно – глинени нозе, и го скрши.

Тогаш сè заедно се раздроби: железото, глината, бакарот, среброто и златото станаа како прав на летно гумно; ветрот ги однесе, и трага од нив не остана, а каменот што го разби идолот стана како голема планина и ја исполни целата земја.

Ете, тоа е сонот, а сега да кажам пред царот и што означува тој.

Ти царе како цар над царевите, кому Небесниот Бог му подарил царства, власт, сила и слава,

и во рацете твои ти ги предал сите човечки синови, каде и да живеат тие, сите ѕверови земни и птици небески и те поставил за господар над сите нив – ти си таа златна глава.

По тебе ќе се крене друго царство, помало од твоето, а и трето царство, бакарно, ќе владее над целата земја.

А четвртото царство ќе биде цврсто како железо; оти како што железото троши и дроби сè, така и тоа железо сè ќе раскрши, сѐ ќе раздроби и сѐ ќе уништува.

А тоа што си ги видел нозете и прстите на нозете дел направени од грнчарска глина, а дел од железо, тоа царство ќе биде разделено и во него ќе остане многу малку од цврстината на железото, бидејќи си видел железо измешано со грнчарска глина.

И како што прстите на нозете беа дел од железо, а дел од глина, така и царството ќе биде делумно силно, а делумно слабо.

А она, пак, што си видел железо измешано со грнчарска глина, тоа значи дека тие преку човечкото семе ќе се измешаат, но нема да се слеат едно со друго, како што железото не е слеано со глината.

И во деновите на тие царства Небесниот Бог ќе подигне едно друго царство кое нема да се разруши никогаш и тоа царство нема да биде предадено на друг народ; тоа ќе ги победи и разруши сите царства и само тоа ќе остане вечно.

Бидејќи ти виде дека каменот што самиот падна од планината го раздроби железото, бакарот, глината, среброто и златото. Великот Бог му даде на царот да разбере што ќе се случи потоа. И верен е тој сон и точно е неговото толкување!“

Тогаш царот Навуходоносор падна ничкум и се поклони пред Даниила, па заповеда да му донесат дарови и благопријатни кадива;

и му рече царот на Даниила: „Навистина вашиот Бог е Бог над боговите и Господар на царевите, Кој открива тајни, штом ти можеше да ја откриеш оваа тајна!“

Тогаш царот го возвиши Даниила, му даде многу големи дарови и го постави над целата област како главен началник над сите мудреци вавилонски.

Книга на пророк Даниил (глава 2, 19-48)