Како на светот да му е судено да стане жртва на некоја страшна, нечуена и невидена чума, која доаѓаше кон Европа од темните длабини на Азија. Сите мораа да пропаднат, освен еден мал број на избрани. Се појавија некои нови паразити, суштества едвај видливи под микроскоп, кои продираа во човечките тела. Но овие суштества всушност беа духови обдарени со ум и волја. Луѓето кои ги примија во себе веднаш стануваа луди и безумни…

Цели населби, цели градови и нации беа заразени и полудени. Сите беа немирни и не се разбираа едни со други, секој мислеше дека само во него е вистината и се измачуваше гледајќи во другите, се удираше со тупаници во градите, плачеше и ги кршеше прстите. Тие не знаеја кога и како да судат и пресудуваат, не можеа да се согласат што да сметаат за зло, а што за добро. Луѓето се убиваа едни со други во некоја бесмислена омраза. Се собраа во цели војски за да се напаѓаат меѓусебно, но тие војски уште додека патуваа, наеднаш почнуваа самите себе да се распарчуваат, поредокот им се распаѓаше, војниците јуришаа едни кон други. Се колеа и се убиваа, се гризеа и се јадеа меѓусебно. Во градовите по цел ден се ѕвонеше на узбуна, ги повикуваа сите, но никој не разбираше кој и зошто повикува, а сите беа неспокојни.

Ги напуштаа секојдневните занимања, бидејќи секој ги претпочиташе своите размислувања, своите реформи и за ништо не можеа да се согласат, земјоделието изумираше… Почнаа да се обвинуваат еден со друг, да се бијат меѓусебно и да се сечат. Започнаа пожари, настана гладот. Чумата се ширеше сè повеќе и повеќе.

Во целиот свет само неколку луѓе можеа да се спасат, тие беа чисти и избрани, одредени да воспостават нов човечки род и нов живот, да ја обноват и исчистат земјата, но никој и никаде не ги гледаше тие луѓе, никој не ги слушна нивните зборови и нивниот глас…

Извадок од романот „Злосторство и казна“ од Ф.М. Достоевски