Сине мој, пред сè живеј во страв пред Бога и со љубов кон Него, бидејќи за секој разумен и добар човек Бог е почеток и крај на секој живот.

Второ, обликувај го твојот карактер така што тој да е кроток, скромен, воздржан, цврст, пријатен, независен, правдољубив, храбар, мудар, тактичен, трудољубив, постојан и целомудрен! Еве ги украсите и за младите и за старите: богатењето не со имоти, туку со добри манири и навики. Добрите манири се твојата сопственост, а имотот е твар лажна и измамна што поминува од рака на рака, како срцето на блудница. По својата природа богатството нема никаква трајност и постојаност – тоа наликува на бурните морски бранови што се креваат и паѓаат. Затоа, синко мој, богати се со добри навики, и ти ќе имаш сокровиште што нема да биде расфрлано од разбојници, што нема да биде привлечно за лакомници, кое нема да биде исцрпено и потрошено од рацете на немирот, кое нема да биде уништено од оружјето на варварите, а кое, престојувајќи во бестелесни живеалишта, безбедно се чува во ризницата на душата и нема да биде уништено од стихијна огнена сила, ниту пак ќе биде покриено со бранот во длабокото море.

Чувај го ова богатство, кое е поврзано и сродено со тебе и кое во секоја смисла тебе ти припаѓа, откако нема да дозволиш до него да се допре ‘рѓата.

Вежбај се во достигнувањата на науката, занимавај се со поетското творештво, читај ги историски списи, делата на красноречивите оратори и суптилните расудувања на филозофите! И со сето тоа, сепак, справи се благоразумно; со мудрост од секаде собирај го полезното и со претпазливост и расудување избегнувај го сето она што е штетно кај сите писатели.

Во својата работа биди налик на мудрата пчела, која слетува на секој цвет, но исклучително паметно, од сите нив, го собира само полезното. На неа наставничка ѝ е самата нејзина природа – во тебе пак наставник е умот и расудувањето.

Обилно пожнеј од сѐ што може да ти користи; а ако забележиш нешто штетно, бегај што подалеку, бидејќи човечкиот ум бргу ги лови нештата!

Пред сè, држи ја во рака Книгата на животот – доброволно на неа посвети ѝ го целото внимание; од неа ќе научиш како да се образуваш во добрите навики и како да Го чествуваш единствениот и вистински Бог.

Апостолот вели: „Не лажете се; лошите зборови ги расипуваат добрите навики“ (1. Кор. 15, 33). Младиот човек е должен со сите средства да избегнува разговори со порочни луѓе и воопшто во нив да не бара задоволство – тие ги воведуват простодушните младинци во искушенија и лукаво им ги пренесуваат нивните пороци. Строго мора да го почитуваш следното правило: да избегнуваш непристојни песни и локали; да се гнасиш од зборовите на развратни луѓе и од житејски суети; да ги чуваш своите очи од секоја соблазна и своето срце од секој порок! Биди здрав и помни ги моите совети!

Свети Григориј Богослов