Сите луѓе Го бараат Бога. Соодветно на тоа, да се биде со Бога – тоа е норма на животот на нашата душа. Ова е толку очигледно, што тука ништо не може да се приговори. Созданијата Божји Го објавуваат Бога. Ако постои разумност во начинот на којшто се уредени нештата, тогаш постои и разумно битие коешто ги довело во таков ред. Тоа е заклучок кој не може да се оспори, заклучок чија сила ја испитува секој ум, не исклучувајќи ги ниту оние кои се фалат со своето неверување. Преостанува уште разјаснување како да стапите во општење со Бога и да бидете со Него. Тука е Господ Христос, Кој рекол: „Јас сум во Отецот, вие сте во Мене, и Јас сум во вас“. Ете ја алката што нѐ поврзува со Бога. Тоа е целиот систем на верата.

Размислувањето за Бога ќе претставува врата, преку која душата ќе влегува во активниот живот. Целиот труд сега треба да биде насочен кон тоа непрестајно да мислите на Бога или на Божјото присуство.

Размислувајќи за Бога, потребно е со сите сили да се потрудиш и да мислиш за Него како за најчист Дух, Кој нема никаква форма и лик. Но, да се има вакво размислување е можно само под дејство на благодатта, кога во срцето се создава наклонетост спрема Бога. Сѐ дотогаш нашата мисла за Бога е несовршена и измешана со некаква форма.

Бог управува со сите. Тој е Мудар, Себлаг и Семоќен Управител. И ние Му припаѓаме на Неговото Царство. Тој нема да дозволи Неговите да бидат навредувани. За едно треба да се потрудите – да не Го навредите Бога и Тој да не ве избрише од бројот на Своите.

Бог е насекаде, и штом наиде на срце кое не Му се противи, Тој влегува во него и го развеселува. Тоа се радува, се прилепува до Бога и не сака да се одвои од Него.

Нормален однос спрема Бога е – целосно и скрушено поклонување пред Него во срцето. Повикувајќи: „Спаси ме!“ Треба да се предадеме во Господовите раце, за Тој да прави со нас што ѝ е угодно на Неговата света волја.

Бог е насекаде, сѐ гледа и Неговите очи се посветли од Сонцето. Сеќавањето на ова треба да го исполни срцето и да се слее со свеста. Кога пак душата ќе има свест за тоа, таа нема да може да биде без страв Божји и побожност пред Него, туку  ќе се труди на секаков начин да Му угоди – и со зборови, и со мисла, и со движење, и со дела.

Господ е секаде и гледа сѐ – кој што прави за Него. Тој секогаш е подготвен да му помогне секому кој Му се обраќа за помош. Така, доколку од срце решите секогаш да внимавате на Господа Кој е со вас и во вас, доколку се насочите на тоа да Му угодите Нему Единиот и потоа Нему да Му се обраќате за секоја недоумица и духовна потреба – со вера и целосна предаденост на Неговата волја – тогаш бидете уверени дека сите ваши дела, како внатрешни така и надворешни, ќе започнат да се одвиваат на најдобар можен начин. Голема работа е да се разбере дека без Него не можеме ништо, а уште поголема – само Нему со вера да Му прибегнуваме, очекувајќи безрезервна помош.

Св. Теофан Затворник