Псалмопевецот со прекрасен глас по име монах Синесиј потекнувал од Халкидики. Тој се замонашил пред многу години (1860) во манастирот Дохијар. Чувствувал огромна стравопочит кон Света Параскева, на која секој ден ѝ се молел.

Тој особено ја преколнувал светителката за да му помогне да ја спаси својата душа, и доколку има некаква препрека за неговото спасение, да ја отстрани на било кој начин.

И навистина, на 28. јули, кога се слави споменот на оваа светителка, почувствувал дека неговиот глас станува рапав. Како одминувало времето, неговото здравје, наместо да се подобрува, сѐ повеќе се влошувало. Сите се молеле за неговиот глас да се опорави, но сѐ било залудно. Тогаш, Света Параскева му се јавила во сон на игуменот и му рекла: „Зошто секојдневно Му досаѓате на Господа молејќи се за Синесиј? Па, тој самиот со години ме преколнуваше да го отстранам она што е пречка за неговото спасение“.

Веднаш потоа, игуменот го повикал псалмопевецот Синесиј за да му ги соопшти овие зборови на Света Параскева. И навистина, додека пеел, Синесиј чувствувал силно славољубие и надменост поради неговиот мелодичен глас. Не се потрудил да Му заблагодари на Дародавецот на секое добро. Од моментот кога неговиот глас станал рапав и засипнат, Синесиј се молел на бројаницата, кажувајќи ја молитвата „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме“. Тој станал верен и достоен поклоник на умносрдечната молитва и на тројно благословено и блажено смирение.

Извадок од книгата „Изреки на светогорските старци“