Јас порано мислев, дека едно и исто нешто е: да живее телото без душа и јас без тебе, Василије, возљубен Христов служителу! Меѓутоа, ја преживеав разделбата и уште сум жив. Долго ли ќе продолжи тоа? Зошто не ме земаш оттука и не ме воведеш со себеси во радоста на блажените? Не, не ме оставај! Се колнам пред гробот, дека никогаш, и да би посакал, не можам да те заборавам тебе. Ова е словото на Григориј кон тебе.

Кога Света Троица го повика духот на богомудриот Василиј, кој со задоволство побрза кон Неа, тогаш целото небесно воинство се израдува, гледајќи го, дека тој заминува нагоре, а секој град на Кападокија плачеше. Ќе кажам нешто повеќе… Тогаш и целата вселена извика: „Го нема веќе проповедникот, го нема оној, кој беше јазолот, кој го крепеше прекрасниот свет“. Целиот свет, кој е достојност на рамносилната Троица, е приведен во необично колебање поради заемните и непријателски учења, а устата на Василиј е заклучена во молчење. Разбуди се, Василије, и запри ја бурата со твоето слово и со твоето свештенодејствие, зашто ти единствениот ни покажа дека животот е верен на светогледот, а светогледот е верен на животот! Единиот Бог Кој царува во височините, и нашиот век, видоа еден достоен архијереј – тоа си ти, Василије: грмозвучниот гласник, изворот на душевни доблести, големата слава на Понт и Кападокијците! Те замолувам, и сега биди застапник, и принеси го својот дар за мир.

Кесаријците ме поставија тука мене, архиерејот Василиј, син на Василиј и пријател на Григориј. Од срце јас го сакав Григорија; нека му дарува Бог добар успех во сè, а така и во тоа – што поскоро да стапи тој во нашиот живот.

Каква е ползата да останеш долго на земјата, и да го стопиш она што го бара небесното пријателство? Не живееше долго ти на земјата, но се предаде и Му принесе на Христа: и дух, и тело, и слово, и раце. О, Василиј, голема славо Христова, поддршка на Јереите, темелу на вистината, која сега, повеќе отсекогаш, се грижат да ја растргнат! Мила Атино, општо живеалиште на пријателство и науки, прекрасни услови за водење на божествен живот, знај го тоа, дека Василиј е на небото што го сакаше, а Григориј е на земјата, и на својата уста носи вериги.

Светлоносен Василиј, голема пофалбо за Кесаријците! Твоето слово беше гром, а твојот живот – молња, но и ти го напушти свештениот престол. Така Му било угодно на Христа: колку што е можно поскоро нека те вброи кон чинот на небожителите. Ти ја изучи сета длабочина на Духот и сета мудрост на земјата – ти беше жива жртва. Осум години ти ги држеше браздите на богомудриот народ – тоа е едно делче од твоите дела, Василије. Радувај се, Василије, макар и да си уште разделен од мене – ете го словото, што го сакаше ти: оддаден ти е, Василије, долгот на пријателството, дарот за нас многуплачевен. Овие натписи ги возложува Григориј врз твојот прав, Василиј! Такво е надгробното слово на Григориј за тебе!

Свети Григориј Богослов