Поголемиот број мудри учители, зад штотуку опишаниот непријател, обично го ставаат овој стоглав демон на среброљубието. А ние, толку неуки, да не би го менувале редот на мудрите, и самите ќе одиме според нивниот распоред и правило. Затоа, ако е по волја, ќе ја разгледаме самата болест, а потоа во неколку збора и начинот на нејзиното лекување.

Среброљубието е обожување на идол, ќерка на неверието, извинување за слабостите, весник на староста, претскажувач на глад, пророк на суша.

Среброљубивиот го исмева Евангелието. Тој е свесен престапник.

Оној што стекнал љубов ги растура парите. А кој може да го има и едното и другото, се лаже себеси.

Тој што себе се оплакува, се откажува и од телото свое, а во случај на потреба воопшто не го штеди.

Немој да велиш дека собираш за сиромасите. Царството Небесно можело да се купи и за само две лепти (Лука 21, 1-4).

Еден ден се сретнале еден гостољубив и еден среброљубив човек. И вториот го нарече првиот неразумен.

Оној што ја победил оваа страст, се ослободил од грижите. А кој е врзан од неа, никогаш нема да може чисто да се моли.

Среброљубието почнува под изговор за милостина, а завршува со омраза кон сиромасите. Среброљубивиот, додека не натрупа пари, е милосрден; штом ќе дојде до пари, ја стиска раката.

Сум гледал луѓе сиромашни, како во друштво на сиромашните по дух, го збогатија својот дух и заборавија на својата поранешна беда.

Свети Јован Лествичник