Срна сум. Јас сум сетило за тага во вселената. Одамна-одамна, Некој сè што е тажно во сите светови го прогнал на земјата и од сето тоа го излеал моето срце. И оттогаш јас сум сетило за тага. Живеам со тоа што од сите битија ја цицам тагата. Секое живо битие на кое ќе му пристапам, спушта во моето срце по една црна капка тага. И црна роса на тагата како истенчен поток струи низ моите вени. И таму, во срцето мое, црната роса на тагата се преобразува во бледа и небесно сина.

По целото мое битие е разлеана некоја магнетна сила на тагата. И не одолевајќи му на сето она што е тажно во светот, го привлекува и го полага во моето срце. Затоа јас сум најнатажена од сите созданија. И за сечија болка солзи имам… Не смејте ми се, о насмеани! Јас сум запрепастена од сознанието: во овој тажен свет има суштества кои се смеат. О, проклет и најпроклет дар: да се смееш во свет во кој врие од тага, клокоти болка, пустоши смрт! Каков осуденички дар! Јас од тага никогаш не се смеам. А и како би се смеела кога сте така груби и сурови, вие насмеаните! Кога сте така грди и зли! А од злото сте грди. Зашто само злото ја накажува убавината на земните и небесните созданија… Си спомнувам, и се присетувам: оваа земја некогаш беше рај, а јас рајска срна. О, сеќавање од кое со восхит скокам од радост во радост, од бесмртност во бесмртност, од вечност во вечност!

А сега? Мрак ги покрил сите мои очи. На сите патишта по кои чекорам, натежнала темнина густа. Мислите мои капат солзи. А чувствата вријат, не една туку многу таги. Целото мое битие го зафатил некој неизгаслив пожар на тагата. Сè во мене со тага гори, но никако да изгори. И јас кутрата само едно сум: вечна жртва сепаленица на вселенскиот жртвеник на тагата. А тој вселенски жртвеник на тагата е Земјата, сива и тегобна, бледа и примрачна планета…


Моето срце е непристапен остров во бескрајниот океан на тагата. За радоста непристапно. Дали е сечие срце – непристапен остров? Кажете ми вие што срце имате?! Знаете ли со што се опколени вашите срца? Моето – со самите океански понори и бездни. И постојано се дави во нив. Никако од нив да излезе, од нив да се извлече. До што и да се допре како вода е меко. Затоа очите се замаглени од солзи, а срцето разурнато од воздишки. Болни ми се зениците, затоа што многу полноќи заноќија во нив. Синоќа сонцето зајде во окото мое, а утрово не се роди. Се удави во темнините на тагата моја. Нешто страшно и ужаснувачко го пронижува моето битие. Ме плаши сето она што е околу мене и над мене. О, кога би побегнала од стравотиите на овој свет! А постои ли воопшто некој свет без стравотии? Соѕидана сум од мака, опиена од пелин, презаситена од чемер. Вознемирено го будам срцето мое, а тоа сè повеќе се опијанува. Душата своја, исплашена и изгонета од ужасите на овој свет, ја довикувам да ми се врати, а таа се побезобѕирно бега од мене, кутрата и тажна…

Срна сум. Но со што? –Не знам. Гледам, но како, и тоа не го разбирам. Живеам, но што е животот, не сфаќам. Љубам, но што е тоа љубов, не можам да појмам. Страдам, но како никнува, расте и созрева во мене страдањето, тоа никако не го разбирам. Воопшто, сосема малку разбирам од сето она што е околу мене и во мене. И животот, и љубовта, и страдањето, сето тоа е пошироко и подлабоко и побескрајно од моето знаење, разбирање и сфаќање. Некој ме спуштил во овој свет и во моето битие ставил малку разум, затоа и разбирам малку од светот околу себе и од светот во себе. Се нешто несфатливо и необично зјапа во мене од секоја твар, затоа и се плашам. А моите крупни очи, дали затоа и се крупни, да би сместиле повеќе од несфатливото и да би го согледале несогледливото?

Покрај тагата, некој во мене разлеал и обесмртил и овековечил нешто што е трајно како бесмртност и огромно како вечност. Тоа е инстинктот на љубовта. Во него постои нешто семоќно и неодоливо. Тој се разлева низ сите мои чувства, низ сите мои мисли, и владее со сецелото мое битие. Како мало, ситничаво островче, такво е моето битие, а околу него бескрајно се протега, се разлева и се прелева таа – загонетката на мојата душа: љубовта. Па макар каде и да тргнала низ битието свое, секаде на неа наидувам. Таа е нешто во мене најприсутно, но и најприсно. Во мене: Јас сум, е еднакво на: јас љубам. Со љубовта сум тоа што сум. Да се биде, да се постои за мене е исто што да сакаш, да љубиш. И зарем е можно да постојат битија без љубов? За такво битие не знае моето срце, срцето на срна.

Не навредувајте ја љубовта во мене. Затоа што ја навредувате единствената моја бесмртност и единствената моја вечност. А притоа, мојата единствена бесмртна и вечна вредност. А што е вредност, ако не она што е бесмртно и вечно! А јас само преку љубовта сум бесмртна и вечна. Таа ми е сè. Јас преку неа чувствувам, и мислам, и гледам, и слушам, и разбирам, и знам , и живеам, и станувам бесмртна. Кога велам: сакам – јас така ги опфаќам сите свои бесмртни мисли, сите свои бесмртни чувства, сите свои бесмртни копнежи, сите свои бесмртни животи. Со тоа – јас сум над сета смртност и над сите небитија, јас: сребренеста срна, срна нежна, срна восхитена…

Низ потресни урнатини и застрашувачки понори поминува мојата љубов кон тебе – сино небо, кон тебе благ човеку, кон тебе – цветна горо, кон тебе – миризлива трево, кон тебе – Седобар и Сенежен! Низ безброј умирања се пробива мојата љубов кон Тебе, о слатка Бесмртност! Затоа тагата е мој неразделен сопатник: Секоја грубост – за мене е самата смрт. Во овој свет најмногу грубости доживеав од едно битие кое се вика – човек. О, понекогаш тој е смрт за сите мои радости. Очи мои гледајте преку него и над него кон Оној – Седобриот и Сенежниот! Добрина и нежност, тоа е животот за мене, тоа е бесмртноста, тоа е вечноста. Без добрина и нежност – животот е пекол. Чувствувајќи ја добрината на Седобриот и нежноста на Сенежниот, јас сета сум во рајот.¬ Ќе нагрне ли грубоста човечка на мене? О, тоа пеколот нагрнува со сите свои ужаси. Затоа се плашам од човекот, од секој човек, освен од добриот и нежниот.

Крај потокот сум чии брегови ги краси сино цвеќе. А потокот е од моите солзи. Ме ранија луѓе во срцето и наместо крв потекоа солзи. Небеса нежни, еве вам ви ја кажувам тајната своја: наместо крв во срцето имам солзи. Во тоа се состои мојот живот, во тоа се состои мојата тајна. Затоа плачам за сите тажни, за сите недолжни, за сите унижени, за сите повредени, за сите гладни, за сите оставени, за сите угнетувани, за сите намачени, за сите јадосани. Мислите мои брзо се сепнуваат и се преобразуваат во чувства, а чувствата се излеваат во солзи. Да, бескрајни ми се чувствата, а солзите безбројни. И речиси секое мое чувство тагува и плаче, бидејќи штом ќе киниса од мене во светот околу мене, наидува на понекоја човечка грубост. О, има ли погрубо и посурово суштество од човекот?

Зошто ли сум фрлена во овој свет, помеѓу луѓето? Ох, некогаш одамна-одамна, кога во своите густи и бескрајни шуми сè уште не знаев за луѓето, светот за мене беше радост и рај. И јас своето рајско расположение и восхит радосно ги проткајував низ миризливото цвеќе и витките брези, низ питомите гори и небесата сини. Но во мојот рај зачекори тој: груб, суров и злобен, тој – човекот. Ми го изгази цвеќето, ги исече дрвјата, ми го помрачи небото. И така, мојот рај го претвори во пекол… О, не го мразам јас него поради тоа, туку го жалам. Го жалам што нема чувство за рајот. А од тоа нема поголем ужас за созданието, за ниедно создание. Знаете, срната не може да мрази; таа може само да жали и да сожалува. Сите навреди, сите грубости таа ги одбива со тага и сожалување… О, луѓе, колку сте сурови и груби! Слушнав дека постојат демони. Па зарем е можно да се полоши од луѓето? Само за едно се молам и само едно посакувам: да не бидам душа во човекот, чувство во човекот, мисла во човекот…

Секоја грубост на луѓето ја доживувам како тежок удар по срцето. Од тоа ми се појави тумор на срцето. О, колку модрици имам на срцето! О, колку удари!…. Ах, да! Та јас сум во изгубениот рај: срна во изгубениот рај! Ох, смилувај се на мене, Седобар и Сенежен! Купишта модрици, една до друга, една врз друга, и така ми се направи тумор на срцето! Ох, спаси ме од луѓето, од грубите и зли луѓе! Со тоа мојот свет ќе го претвориш во рај и мојата тага во радост…


Повеќе од сè што може да се сака, ја сакам слободата. Таа се состои во добрина, во нежност, во љубов. А злото, а грубоста, а омразата – тоа е ропство од најлош вид. Робувајќи им ним, ѝ се робува на смртта. А има ли од смртта пострашно ропство? Во такво ропство водат луѓето, тие измислувачи и творци на злото, на грубоста и омразата. А мене ме испратија во светов, рекоа и прорекоа, одредија и предодредија: тага и љубов биди. И јас со сето битие го исполнувам своето назначување: тагувам и љубам. Тагувам низ љубов, и љубам низ тага. И зарем можам поинаку во свет кој е населен со луѓе? Мојот живот е ограден во тие рамки. Целата сум срце, целата око, целата сум тага, целата љубов, затоа ме потресува страв, за кој знае само – тажната срна…

Во својата пакост луѓето и не насетуваат какви раскошни и чудесни чувства носиме во себе, ние срните. Помеѓу нас и вас луѓето, зјае провалија, та не можеме ни ние кон вас, ни вие кон нас. Вие немате чувство за нашите светови. Кога ние срните би преминале во вашето срце, би преминале во пекол. Некогаш, ние бевме во рајот. Вие луѓето го претворивте во пекол. Она што за вас се ѓаволите, тоа сте за нас вие луѓето. Ни раскажуваа брезите: го видовме Сатаната кога падна од небото на земја, падна меѓу луѓето и – остана. Тој, отпадникот од небото, самиот објавил: Најпријатно ми е меѓу луѓето; и јас имам свој рај, тоа се тие: луѓето…

Знам и претчувствувам: мене ме очекува бесмртност, подобра од онаа на луѓето. За вас луѓето, таму во оној свет, постои и пекол. А за нас срните – само рај. Затоа што вие луѓето свесно и доброволно го измисливте гревот, злото и смртта, па и нас , без наша согласност, нè повлековте во нив со својата пакосност и злоба, бидејќи над нас имавте власт. Затоа и ќе одговарате за нас: за сите наши маки, неволји, страдања и смрт. Вие ќе отплаќате за нас и заради нас… Го слушав синото небо како ѝ ја шепоти на црната земја оваа вечна вистина: Луѓето на Судниот ден ќе дадат одговор за сите маки, за сите страданија, за сите неволји, за сета смрт на земните суштества и твари. Сите животни, сите птици, сите билки, ќе станат и ќе го обвинат човечкиот род за сите болки и навреди, за сите зла и за сета смрт што ја предизвикал во своето гордо гревољубие. Зашто со родот човечки, пред него и зад него доаѓаат гревот, смртта и пеколот.

Кога би бирала меѓу созданијата, попрво би избрала тигар отколку човек, бидејќи е помалку крвожеден од човекот; попрво би избрала лав отколку човек , бидејќи е помалку крволочен од човекот; попрво би избрала хиена отколку човек, затоа што е помалку одвратна од човекот; попрво би избрала рис отколку човек, затоа што е помалку лут од човекот; попрво би избрала змија отколку човек, бидејќи е помалку лукава од човекот; би претпочитала било кое друго чудовиште пред човекот, бидејќи и најстрашното чудовиште е помалку страшно од човекот… О, вистина ви велам, од срце говорам. Зашто човекот го измисли и создаде: гревот, смртта и пеколот. А тоа е полошо од најлошото, почудовишно од најчудовишното, пострашно од најстрашното во сите мои светови.

Наслушнав, жубореше потокот од солзи: луѓето се фалат со некаква интелигенција. А јас ги гледам преку нивните главни дела: гревот, злобата и сета смрт. И доаѓам до заклучок: ако нивната интелигенција се состои во тоа што ги измислија и создадоа гревот, злото и смртта, тогаш тоа не е дар туку проклетство. Интелигенцијата која живее и се изразува себеси преку грев, зло и смрт, казна е Божја. Голема интелигенција – голема казна. Мене би ме навредиле кога би ми рекле дека сум интелигентна, на човечки начин интелигентна. Ако таквата интелигенција е единствената одлика на луѓето, тогаш јас не само што се одрекувам од неа, туку и ја проколнувам. Кога од неа би зависел дури и мојот рај и мојата бесмртност, јас за навек би се одрекла и од рајот и од бесмртноста. Интелигенција без добрина е Божја казна. А голема интелигенција без голема добрина е неподносливо проклетство.


Со интелигенција, без добрина и нежност, човекот е речиси ѓавол. Слушав од небесните ангели, кога крилјата ги переа со моите солзи: ѓаволот е голема интелигенција без ниту малку добрина и љубов. Интелигентен човек, а без добрина и сомилост, пекол е за мојата нежна душа, пекол за моето тажно срце, пекол за моите невини очи, пекол за моето кротко битие. Кон една желба душата се припива: да не живее ниту во овој ниту во оној свет покрај човек којшто е интелигентен, а нема ниту добрина, ниту сомилостна нежност. Само така се согласувам на бесмртност и вечност. Ако не, уништи ме, Боже, и врати ме во небитие!

Во дамнешни времиња, раскажуваа белите срни: низ земјата помина Тој: Себлагиот и Семилостивиот, и земјата во рај ја претвори. Каде што стапна, тука рај настана. Врз сите битија и врз сета твар од Него се леешее бескрајна добрина и љубов, и нежност, и милост, и благост, и мудрост. По земјата одеше и небото на земјата го спушташе. Го нарекуваа Исус. О, ние во Него видовме дека човекот може да биде чудесен и прекрасен, само кога е безгрешен. Он и со нашата тага тагуваше и со нас плачеше заради сите зла што луѓето ни ги направија. Беше со нас, а против творбите човечки: гревот, злото и смртта. Ги сакаше сите созданија нежно и сомилосно; милувајќи ги со божествена жалост; бранејќи ги од гревот човечки; од злото човечко; од смртта човечка. Беше, и засекогаш остана – Бог наш, Бог на тажните и угнетувани створови, од најмалите до најголемите.

Само оние луѓе кои на Него личат – мили ни се. Тие се наш род и наша бесмртност, и љубов наша. Душата на тие луѓе е исткаена од Неговата добрина и сомилост, и љубов, и нежност, и благост, и праведност, и мудрост. Нивната интелигенција е божествено мудра, божествено добра, божествено кротка, божествено сомилосна. И тие личат на светлите и свети ангели. Всушност ангелот е голема интелигенција и голема добрина – споени во едно.

Затоа нашата љубов сета ита кон Исуса себлагиот, седобриот, семислостивиот, сенежниот. Он е – Бог наш, и Бесмртност наша, и Вечност наша. Неговото Евангелие е повеќе наше отколку човечко, бидејќи во нас има повеќе од Неговата добрина, Неговата љубов, Неговата нежност… Он! О! Благословен е Он во сите срца и во сите наши светови! Он – Господ и Бог наш! Он – нашата слатка утеха во овој горчлив свет кој поминува и нашата вечна радост во бесмртниот свет кој доаѓа…

Свети Јустин Ќелијски