Поуки на старец Порфириј снимени на магнетофонска лента

Последните години од овоземскиот живот, старец Порфириј имаше навика да го напушта манастирот во кој се лекуваше и да оди на едно осамено место на Евија, кон Егејското море, во придружба на една или две личности кои му помагаа бидејќи беше слеп и немоќен. Таму секојпат остануваше два три дена, не повеќе/ бидејќи таму немае никакво прикладно место за спиење, често ноќеваше во една напуштена црквичка или во некој автомобил. На луѓето кои биле со него, често им зборувал за духовниот живот во Христа, а тие пак, од ревност и од љубов, со помош на магнетофон ги снимале неговите зборови. Тие записи понекогаш немале ниту почеток, ниту крај, бидејќи ракувањето со магнетофонот не било секогаш совршено. Еден од најдобро сочуваните разговори бил издаден и на касета. Разговорите кои се подолу се пренесени на касетата. Овој разговор е воден во јули 1988 година, во три часот наутро, во една напуштена црквичка.

СТАРЕЦОТ: Тој е секаде и насекаде. Објаснете го тоа сами. Јас тоа не можам да го објаснам. Само Ви кажувам, не кое било место можеш да помислиш на светиот Антониј: ние можеме овде да помислиме на него, некои на него може да помислат во Тиваида, некои во Египед, некои во Ерусалим, некои на Синај. Во исто време, во овој час, тој е и овде и таму. Што велите?

НЕКОЈ ОД ПРИСУТНИТЕ: Тој е насекаде затоа што е во божествена благодат.

СТАРЕЦОТ: Да, тој е во духовниот свет. А ние, деца, иако сме христијани, ништо не знаеме… ништо не знаеме за Христос!

НЕКОЈ ОД ПРИСУТНИТЕ: Тоа е факт.

СТАРЕЦОТ: Кутрите ние, и живееме и по нешто читаме. Убаво е, велиме; убаво кажал тој и тој Отец; многу убаво кажа оној Отец, како ли се викаше… Така и така. Убаво, навистина убаво. Но сепак, остануваме во својата немарност, во непромисленост, живееме без Христос. Христос е нешто друго. Кога Христос ќе дојде во човекот, кога доаѓа во нашата душа, таа душа тогаш станува поинаква. Човекот живее секаде, живее во ѕвездите, живее во духовниот свет, живее во Вселената, живее… Му се обраќаат од Јужна Африка, од Индискиот океан, а тој разговара со нив; зборува за нивните куќи, нивните ќерки и семејства, а истовремено е и овде. Разбирате ли?

Можеби сега вие ќе помислите дека сум нешто особено бидејќи ви зборувам вакви работи. Јас не сум ништо. Но, се трудам да бидам нешто; а од ова за што ви зборувам, можам да вкусам малку, многу малку… Додуша, се трудам, и посакувам и сакам; нема да се присилувам себеси. Меѓутоа многупати го доживувам тоа со помош на благодатта Божја, но е зборувам за тоа. Не ми е допуштено. Сѐ што ми е допуштено да кажам – јас го кажувам, но не можам секогаш да зборувам за овие работи. Животот без Христос, значи не е живот и готово. Ако во сите свои дела и мисли не го гледаш Христос, ти тогаш си без Христа.

Разбирате? Се сеќавам на една песна: Кога Христос е секаде со тебе, стравот никаде го нема.

Сте ја слушнале ли? Тоа е детска песна, не се сеќавам на нејзините зборови.

Значи, тоа е вистинскиот начин да го посматраме Христос. Тој е наш пријател, наш брат; Он е за нас сè што е убаво и што е добро. Он е сè. Он, сепак е и наш пријател кој извикува: „Вие сте мои пријатели, зарем не сфаќате? Ние сме браќа. Не сум јас… не го држам јас пеколот во својата рака, не ви се заканувам – јас ве сакам. Сакам да сте и вие со мене да се радувате на животот“. Сфаќате?

Таков е Христос. Кај Христовиот човек нема помраченост и меланхолија; тој не е свртен само кон себе, како што е човекот кога го обземаат и го мачат секакви мисли и проблеми кои во животот му нанесуваат и болка.

Христос претставува нов живот. Како би го кажал тоа? Христос е сè. Тој е радост, живот, светлина; Тој е вистинска светлина, поради која човек се радува, станува полетен, ги гледа сите твари, сите луѓе, сочувствува со сите, посакува сите да бидат заедно со него, односно заедно со Христос.

Кога ќе пронајдеме некакво богатство или нешто слично, не сакаме никому да зборуваме за тоа. Меѓутоа, кога христијанинот ќе го пронајде Христос, кога ќе го запознае Христос, Кој се вселил во неговата душичка, тој сака да викне гласно и секаде да зборува за тоа; сака да зборува за Христос, да каже што е Христос, сака да нè посоветува да го засакаме Христос и ништо да не ни биде пречка кон Неговата љубов. Христос е сè; Тој е Извор на животот, желба над желбите -Тој е сè. Сѐ што е убаво, тоа е во Христа.

Кога човек се оддалечува од Христос, го обзема тага, меланхолија, раздразливост, тегобност, сеќавања на животните трауми, на притисоците, на мачните моменти. Ги преживуваме сите маки и неволји од нашите животи. Одиме наваму-натаму, па ништо; никаде не застануваме. Но, кога ќе го најдеме Христос, макар тоа било и во пештера, остануваме тука и се плашиме да се оддалечиме, за да не би го изгубиле Христос. Прочитајте, па ќе видите. Подвижниците кои го познавале Христос, не сакале да ја напуштат својата пештера – сакале да бидат таму каде што чувствувале дека Христос е со нив.

Христос е сè.

Христос е Источник на животот, Извор на радоста. Тој е сè. Што мислиш ти за тоа, Никос?

НЕКОИ ОД ПРИСУТНИТЕ: Тоа што го зборувавте Старче, тоа се златни зборови; тоа е вистина. Така е, како што Вие кажавте.

СТАРЕЦОТ: Па да; но повикани сме да живееме таков живот тогаш кога за себе ќе кажеме дека сме христијани, односно дека сме Христови. Разбираш? Во секој случај, и во часот на сопствената немоќ, штом го видиме Христос, во истиот момент го менуваме мислењето и сакаме да бидеме со Него. Имено, Христос е наш пријател, наш брат; Тој ни порачува „Вие сте мои пријатели“ (Јован 15,14), и не сакам поинаку да ме гледате; не сакам да ме гледате само како Бог, како Логос Божји, како една ипостас на Света Троица. Сакам да ме гледате како некој свој, како пријател; сакам да ме прегрнете, како свој пријател да ме почувствувате во вашата душа – мене кој сум вистинскиот Извор на животот.

Ова, значи, е вистината. Па сепак, постои сатана, постои пекол, постои смрт… Сè тоа постои… навистина постои. Тоа е онаа другата страна – злото; таму е мрак, сè тоа припаѓа на мракот.

Кој е Христов, тој мора да го засака Христос; а кога ќе го засака, тогаш се ослободува од ѓаволот, од пеколот и од смртта. Ќе ме прашаш можеби, дали сум стигнал до таму. Не сум стигнал, но тоа е она за што трагам, што сакам. И во своето молитвено тихување, и секаде, настојувам да живеам на тој начин. Не живеам, додуша, но… се обидувам. Со други зборови, како да ви кажам, како да ви кажам? Не сум одел на некое место, нели е така, или можеби сум отишол само еднаш, па сепак го видов; сега не сум таму, но се сеќавам на него, копнеам по него, го сакам. Еве сега, во овој миг, или утре, задутре, секој час го посакувам, сакам таму да одам, копнеам за него. Па сепак, не сум таму. Не можам тоа да ви го објаснам. Ме разбирате ли?

Јас живеам во таков подвиг. Кажете слободно дека сум луд. Кажете дека за тоа не се зборува; дека оној кој се подвизува, тој не зборува за тоа, туку ја призива божествената благодат, и таа му помага. Да, но кога некој полуди, тој зборува. Постои и лудост…

Гледате, додека го зборувам ова јас не сум при здрава памет. Мислам, луд сум штом зборувам за ова.

НЕКОЈ ОД ПРИСУТНИТЕ: Старче, повеќето од нас или не сме христијани, или се задржуваме само на восхитувањето, па велиме: Одлично го кажа тоа преподобниот Ефрем Сирин, Исак Сирин…, убаво рекол тој и тој светител…, убаво кажал Јован Лествичник; и остануваме само на восхитувањето. Но, понатаму од тоа – ништо; нема никаков подвиг. Поради тоа, сите нас нѐ јаде немир и напнатост и грижи…

СТАРЕЦОТ: Да, но се прашуваш: како? Тоа е она. Како да бидам и таму, додека сум овде? Проблемот постои само додека Христос не дојде да живее во тебе – а тогаш, заедно со Него, ќе бидеш на секое место. Нашата неволја е во тоа што го немаме Христос.

СТАРЕЦОТ (некои зборови се нејасни): …Ако го чувствуваме сето тоа, ако го доживуваме и сето тоа да стане реалност. Пријател! Брат! Како ли Христос тоа го извикува?! И колку?! Колкава длабочина се крие во тоа? Голема длабочина. Имено, во прашање е смелоста кон Христос. Тој не сака страв.

НЕКОЈ ОД ПРИСУТНИТЕ: Да.

СТАРЕЦОТ: Не сака страв.

НЕКОЈ ОД ПРИСУТНИТЕ: Да.

СТАРЕЦОТ: Така ли е? Тој ги повика апостолите толку едноставно. Не ги присилуваше. Така ги остави… До крај, кутри, сами беа! Се плашеа, се затворија; а што не направија!… Но Духот кој дојде врз нив ги направи совршени.

НЕКОЈ ОД ПРИСУТНИТЕ: Секако.

СТАРЕЦОТ: Благодатта Божја ги направи совршени. Така ли е? Што мислиш ти?

НЕКОЈ ОД ПРИСУТНИТЕ: Да, Старче.

СТАРЕЦОТ: Зарем не мислиш дека е така?

Извор: https://svetosavlje.org/starac-porfirije-podviznik-ljubavi-prozorljivi-cudotvorac/6/