Астрологијата е древно учење, односно псевдонаука која тврди дека ги предвидува настаните на земјата, човечкиот карактер и неговата судбина преку набљудување на sвездите, сонцето, месечината и планетите.

Иако астрологијата претендира на својот авторитет и вистинитост заради своето древно потекло, сепак ние тврдиме дека не сè што е древно е во исто време и добро, вистинито и спасително. Окултизмот е стар речиси колку и гревот и тие заедно ги имаат истите корени: гордоста, богоборството, општењето со демоните.

Светите отци на Црквата, потеклото на астрологијата и на другите окултни учења ги датираат од времето на Каин и неговите потомци.

Според толкувањето на свети Јустин Философ, свети Иринеј Лионски, Атинагора, Тертулијан, свети Амвросиј Милански и други отци и учители на Црквата, во зборовите од книгата Битие 6, 2 – „Тогаш синовите Божји видоа дека ќерките човечки се убави и земаа од нив за свои жени“ – треба да разбереме дека духовни суштества, паднати ангели, влегле во престапнички сојуз со земните жени и ги научиле на волшебства и магии. Ваквото толкување се потврдува и во апокрифната книга „Енох“.

Додека бракот во Библијата честопати значи соединување на човекот со Бога, т.е. верата (Осија 2, 16; Ефес. 5, 22-23), во бракот меѓу луѓето и духовите треба да го подразбираме раѓањето на паганското обожување на демоните, со чија помош паднатиот човек се обидува да проникне во тајните на светот, да влијае врз околината и стихиите, да стане како бог без Бога (1. Мој. 3, 4-5).

Во третиот милениум пред Христа, халдејските и вавилонските жреци го развиле астролошкиот систем. Од Вавилон, паганското обожување на ѕвездите си пробило пат до Египќаните, Индијанците и Кинезите, а во време на залезот на Римската империја стигнало и до Рим.

За време на средниот век, Европа е завладеана од астрологијата. Царевите ја земале под нивна заштита, а на универзитетите биле основани професионални катедри по астрологија. Дури и големиот Кеплер се вклучил во ваквото ниско искуство. Негови се зборовите: „За мене астрологијата е неподносливо, но неопходно ропство. За да си ги задржам годишните приходи, титулата и домот, мора да се согласам со игнорантната љубопитност“. За него: „астрономијата е мудра мајка, а астрологијата е глупава ќерка, која се препушта на секој што ѝ плаќа за преку тоа да ја издржува нејзината мајка“.

После векот на рационализмот, астрологијата го намалила своето влијание. Потоа следува нејзиното конечно одделување од астрономската наука (проучувањето на ѕвездите), со која во древното минато биле едно.

Двете светски војни беа време на заживување на астрологијата. Треба да се напомене дека во време на превирања и опаѓање на моралот, окултизмот забележува невиден пораст и популарност.

Дали влијаат sвездите врз човекот?

Одреден вид на влијание навистина може да има. Бог поставил меѓусебна поврзаност и меѓузависност во целото создание. Дејството на сонцето, месечината и другите небесни тела и планети врз живата и неживата материја на земјата е неспорно. Човекот, како еден вид микрокосмос, кој во себе го соединува духовниот и материјалниот принцип, природно го доживува ваквото влијание врз себе. Така, на пример, утврдена е зависноста на колерата и другите болести од нивото на сончевата активност; извесно е влијанието на лунарните фази врз физичката и психичката состојба кај одредени луѓе, на пример во природниот циклус кај жените; на магнетните бури врз физичката и менталната состојба на човекот итн. И покрај големите напори на научниците од различни области, овие влијанија сè уште се слабо проучени. Во нашиот случај доволно е да се каже: Бог воспостави строги закони – физички, биолошки, космички, морални и духовни – кои од хаосот прават хармоничен унифициран систем, а човекот, иако со посебна цел, е дел од него, но во тоа нема ништо окултно.

Зошто понекогаш се остваруваат предвидувањата на хороскопот?

Врз основа на својата претходна припадност кон различни чинови од ангелската хиерархија, паднатите ангели, во еден или друг степен, биле упатени во тајните на постоењето. По нивниот пад, Бог им дозволил да го задржат ваквото знаење. Во нивните напори за да го привлечат вниманието на човекот и да ја освојат неговата душа, тие му пренесуваат некои тајни знаења и натприродни способности, така што преку посредство на поединици тие уништуваат многумина („Слово за ангелите“ – Свети Игнатиј Бријанчанинов). Демоните, заради својата лукавост, ретко кажуваат чисти лаги. Најдобра мамка за душите кои не ги разликуваат ѓаволските лукавства од здравата духовност, се полувистините и вистините измешани со зрно лага. Еве затоа, до одреден степен постои совпаѓање помеѓу предвидувањата во хороскопите и реалноста, но колку таа е поголема, толку е поголема и веројатноста дека луѓето ќе бидат измамени.

Бог природно ги открива Своите тајни во зависност од нашата подготвеност да ги прифатиме. Кога познанието не е во согласност со моралната возвишеност и чистота, се јавува гордоста, желбата за моќ над другите и богохулството. Знаењето без љубов кон Бога и кон ближниот носи само уништување и погибел.

Судбината на човекот, неговиот живот и смртта

Во моќта на човекот е да избере на што да се потчини себеси и својот живот – на природните стихии или на Бога; дали да го помине своето време заробен во смртното или да живее во Бога, во вечноста.

Физичките и душевните дарови на човекот и начинот на неговиот живот се определени од повеќе фактори: наследноста, воспитанието, културата, исхраната… вклучувајќи ги во таа низа, веројатно и астрономските влијанија. Но, живеејќи во Бога, држејќи ги Неговите заповеди, човекот се ослободува од гревот, се ослободува од страстите на својата природа и неговите постапки повеќе не се определуваат од нив.

Човекот може цел живот да остане роб на своите природни зададености, на несовршеноста на својата природа и на секакви надворешни влијанија, да си остане „риба“, „лав“, „бик“ или кое било друго суштество и да живее според нив, но неговиот призив е да се уподобува на Бога со помош на Божјата благодат.

Христијанската аскетика изобилува со примери на луѓе кои живеат во Бога и за кои, по Божјо допуштение, престануваат да важат дури и физичките и биолошките закони. Иако христијаните, сообразно својата оддалеченост од Бога, до одреден степен и да се подложни на разни влијанија, за оној што се поверил себеси на Божјата промисла, и кој ја бара и ја запазува Божјата волја и има цел во себе да го изобрази Христос, хороскопските карактеристики и астролошките предвидувања практично се невалидни.

Александра Карамихалева