Што значи зборот вера; кое е нејзиното значење и зошто се нарекува вера?

Според учењето на светиот апостол Павле, „верата е жива претстава за она на кое се надеваме, и е докажување на она што не се гледа“ (Евр. 11, 1); според зборовите на свети Јован Дамаскин, „верата е она во што се надеваме и е увереност во невидливото“; како што забележува Свети Јован Златоуст, „верата е поглед кон непознатото“…

И така, според толкувањето на Великите вселенски учители, да се верува може само во она што не се гледа: затоа и се нарекува вера, затоа што се верува во невидливото. Ова ќе го разјасниме подетално. Верата е она што телесните очи не го гледаат и рацете не го чувствуваат, но срцето и умот несомнено потврдуваат дека тоа е така и не може да биде поинаку. На пример, ние не го гледаме Бога затоа што „Бог никој никогаш не Го видел“ – како што вели светиот евангелист Јован Богослов (Јован 1, 18), но несомнено веруваме дека Он постои – тоа имено е верата.

Ние не ги гледаме трите Ипостаси во Едното Божество и не разбираме како Троица пребива во Единица и Единица во Троица, но несомнено веруваме во тоа дека единствениот Бог е Пресвета Троица – во тоа се состои верата.

Не сме виделе и со умот не можеме да достигнеме на кој начин Словото Божјо се воплотило во утробата на Дева и како бессемено се родило, зачувувајќи ја Неговата Пречиста Мајка како Дева пред рождеството, за време на рождеството и по рождеството, но несомнено веруваме дека било така – тоа е верата.

Во пречистите тајни Христови под вид на лебот и виното не ја гледаме човечката плот и човечката крв на Синот Божји, но веруваме дека во Евхаристијата ни се даваат вистинското тело и вистинската крв Христова – тоа е верата.

Со телесните очи не ја гледаме Пресветата Владичица Богородица, како соцарствува на небесата со Нејзиниот Син и Бог и како се застапува за нас, за Нејзините грешни чеда, но веруваме дека Таа царува заедно со Христа и се застапува за нас – тоа имено е верата.

Не ги гледаме Светите угодници, кои во торжествената Црква на небесата стојат пред Престолот Божји и се молат, но веруваме дека тие навистина стојат и се молат за нас – тоа е верата.

Никој од нас не го гледа својот ангел – чувар; сепак и покрај тоа, ние веруваме дека на секој од Христовите следбеници при крштението му е даден ангел – чувар, тоа е верата.

Не ги гледаме венците на небесната слава подготвени за оние што го сакаат Бога, не ги гледаме ниту пеколните маки подготвени за непокајаните грешници, но веруваме дека секој ќе биде награден според неговите дела – тоа имено е верата.

Не гледаме како мртвите ќе воскреснат од гробовите, но веруваме и очекуваме дека ќе има воскресение на мртвите во последниот ден – тоа имено е верата.

Накратко кажано, верата е она што не го гледаме, но во што веруваме – таа е најава (реализација) на невидливите нешта.

Напротив, сето она што нашите очи го гледаат и рацете ни го допираат не е вера, како што вели Апостол Павле: „А надеж за она што се гледа, не е надеж, зошто како ќе се надева некој на нешто што го гледа?“ (Рим. 8, 24) „Сега гледам нејасно како во огледало, а тогаш – лице в лице; сега знам нешто, а тогаш ќе знам како што сум познат. И сега остануваат овие три работи: верата, надежта и љубовта; најголема меѓу нив е љубовта“ (1. Кор. 13, 12-13).

И така, љубовта е поголема од верата и надежта; зашто љубовта, според зборовите на истиот свет Апостол, никогаш не паѓа – љубовта не престанува да сака, а верата и надежта ќе прекратат. Верата и надежта престојуваат во нас само додека сме на земјата, сè додека не го видиме Бога лице в лице, сè додека не ги добиеме благата кои се приготвени на небото за оние што го љубат Бога и кои окото не ги видело, увото не ги слушнало и на човекот на ум не му дошло.

Ако веруваме, на пример, дека во идниот живот ќе го видиме Бога, ние веруваме сè додека всушност не го видиме Господа. Ако се надеваме дека ќе добиеме небесни блага – се надеваме сѐ додека навистина не ги добиеме. Навистина, верата и надежта постојат само дотогаш додека не го видиме со свои очи она на што се надевавме; но љубовта никогаш не пропаѓа. Кога ќе се удостоиме да бидеме во Царството Небесно (ако навистина се удостоиме), тогаш верата ќе престане, бидејќи веќе ќе се видиме лице в лице со Оној во Кого сме верувале; тогаш ќе престане и надежта, бидејќи веќе ќе го имаме она на што претходно се надевавме дека ќе го добиеме. Но, љубовта никогаш не престанува: зашто таму – на небесата – вечно ќе Го љубиме Бога, Неговите светии и едни со други. Кога ќе се оствари она во што веруваме и се надеваме, тогаш најповеќе ќе царствува бесконечната љубов.

Но, зошто верата и надежта ќе престанат? Бидејќи она во што сега веруваме, ќе го видиме на небото со своите очи и она на што сега се надеваме, ќе го добиеме таму во нашите раце…

Од сè што беше кажано досега, јасно е дека верата  не е она што го гледаме со своите очи, туку она во кое веруваме со своето срце; сè што гледаме и допираме повеќе не е вера.

Свети Димитриј Ростовски