Господи, прости ни нам грешните!

Господи! Потчинети сме ѝ на суетата, на штетната, празна и ненадејна слава. Суетниот човек, иако тоа сам не го забележува, во својата душа непрестајно „труби пред себе“. Свети Јован Лествичник, секој суетен христијанин го нарекува идолопоклоник. Суетата е толку одвратен и подмолен облик на духовна гордост, што е присутна кај речиси секое добро дело.

Да слушнеме што за тој грев вели свети Јован Лествичник, за да се покаеме пред Господа, препознавајќи се себеси и својата суета во неговите описи. Кога, да речеме, држам пост, ме обзема суета, но и кога го сокривам постот од другите и се разрешувам од употребата на мрсна храна, повторно сум потчинет на суетата на благоразумието. Облекувајќи се во светла облека, повторно сум суетен, честољубив, а кога ќе се облечам во скромна облека – еве ја повторно суетата. Ја отворам ли устата да кажам што било – ме победува суетата. Ќе посакам ли да молчам, таа повторно ме победува. Како и да ја поставам оваа бодликава страст, нејзините убоди се секогаш вперени кон мене! Господи, прости ни, зашто сите сме потчинети на оваа страст!

А што е храната на гордоста? Човечката пофалба! О, колку ни е мило кога нè фалат луѓето. Ако за момент се посрамиме кога нè фалат во очи, сепак на нашето самољубие му е толку пријатно да нè фалат зад грб, и за нас да мислат сè најдобро.

На темелот на самољубието израснува уште една страст – лицемерието, односно стремежот да се претставиме како благочестиви луѓе, иако во суштина ние не сме такви. Можеби од користољубие сме правеле добри дела за да не фалат луѓето. Таквите дела не само што не донесуваат никаква корист, туку ни го навлекуваат гневот и Божјата осуда: „Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери“ – еве како говореше Господ со Своите Пречисти Усни за таквите луѓе.

Можеме да облечеме црна облека, можеме да правиме метании, сè додека не се препотиме. Можеме сето свое богатство да им го раздадеме на сиромасите, но ако тоа го правиме за да нè фалат луѓето, или дури и самите да се насладуваме во мислите за својата благочестивост, за својата душа нема да придобиеме ни најмала полза. Покорисна е една мала жртва, најскромна милостина, или мал прилог да дадеме заради исполнување на Христовата заповед.

Извадок од „Практичен прирачник за Покајание и Исповед“