Поставете си на себе едно прашање: Што сака Господ од мене?

Ако прашате искрено и од срце, и сте подготвени да го исполните она што ви е кажано, одговорот сигурно ќе дојде. Ќе биде откриен преку постапките на другите луѓе, или преку други околности, или како јасна и прецизна мисла која ќе го посочи излезот и ќе понуди решение. Во секој случај, сигурно ќе разберете дека тоа е одговорот. Сè ќе си дојде на свое место; веќе нема да се чувствувате дека се задушувате и наместо темнина, наеднаш ќе ја видите светлината.

Зошто е тоа така? Како функционира овој „механизам“ и зошто е толку разновиден што секогаш дејствува без проблеми? Дали е тоа затоа што, всушност, имаме само неколку луѓе кои мислат дека е неопходно да се знае Божјата волја, и кои се подготвени да ја прифатат и исполнат, а кои Бог никогаш не ги напушта? Можно е да е заради тоа. Меѓутоа, пред сè, тоа е така затоа што Господ дозволува да се чувствуваме фатени во замка, за да можеме да се откажеме од нашите безумни и погубни идеи да ги градиме нашите животи според сопствената волја, напуштајќи Го и игнорирајќи го фактот дека освен во Него, не постои друга доверлива и непоколеблива основа на нашето битие.

Светото писмо е исполнето со примери кои ја потврдуваат оваа вистина, ова правило. Пророкот Јона, кој не се согласувал со Божјата волја да оди во Ниневија и да им проповеда покајание на луѓето што живеат таму, „побегнал во Тарсис од Господа“ (Јона 1, 3) – како што вели Библијата, и трпел неволја врз неволја, сè до моментот кога се нашол во стомакот на китот. Дури тогаш му се открило лудилото на неговите намери. Со своето покајание покажал подготвеност да го исполни она што неговиот Творец и Создател му го одредил. Потоа, на чудесен и необичен начин, веднаш се ослободил од својот страшен затвор: „И Господ ѝ заповеда на рибата, и таа го плукна Јона на земјата“ (Јона 2, 11).

Каков е тој ќорсокак, како и зошто завршуваме во него, и од што тој се состои? Ние, од перспектива на нашите желби, мислења, верувања или пак уверувања на оние кои нè опкружуваат, многу работи ги сметаме за апсолутно и безусловно важни во нашите животи. Секогаш кога овие важни работи ни се невозможни, кога не можеме да ги усогласиме нашите потреби и верувања со реалноста, кога стварноста наеднаш го спречува нашиот напредок – тоа го доживуваме како безнадежност, а тоа создава и чувство на очај поради моменталната ситуација.

Еве ја грешката. Многу работи можат да бидат битни, но постои само една апсолутно важна работа за која е говорено, за која се слушнало и за која е повторувано стотици пати, а која е целосно заборавена: „Барајте го најнапред Царството Божјо и неговата праведност“ (Мт. 6, 33). Тоа не е само заповед, апсолутен декрет или строга наредба. Ова е показател на патеката по која треба да одиме, како би останале на вистинскиот пат. Ова е показател на начинот врз кој треба да ги градиме нашите животи, за никој да не може да ги уништи. Ова е потсетник за нашата предодреденост, чија реализација апсолутно ништо не може да ја спречи, освен нашите сопствени одлуки.

Сè може да ни се одземе – пари, здравје, социјален статус, работа, нашите најблиски, физичката слобода. Меѓутоа, никој не може да ни го одземе најважното нешто: способноста да му служиме на Бога. Таа засекогаш останува, во какви било околности, и под најповолни и под најсурови услови.

Игумен Нектариј Морозов