– Помни дека си син (ќерка) на Светата православна црква. Ова не се празни зборови. Запомни на што те обврзува тоа.

– Земниот живот е брз и минлив. Нема ни да забележиш колку брзо тој ќе одлета. Но, според него, ќе се реши вечната судбина на твојата душа. Не заборавај го тоа ниту за миг.

– Настојувај да живееш благочестиво. Моли се на Бога во храмот, моли се на Бога во својот дом, благоговејно и со вера, со преданост на Господовата волја. Исполнувај ги светите и спасителни правила на Црквата, Нејзините устави и заповеди. Надвор од Црквата, без послушание кон Неа, нема спасение.

– Зборот е голем дар од Бога. Тој го облагородува човекот, возвишувајќи го неизмерно над сите други земни созданија. Но, денес развраниот човечки род тоа го злоупотребува. Чувај го овој дар и биди умешен во ползувањето на зборот на христијански начин. Не осудувај, не празнослови. Плаши се како од оган од вулгарности, сквернословија и соблазнителни разговори. Не заборавај ги зборовите на Господа Спасителот: „Според зборовите свои ќе бидеш оправдан и според зборовите ќе бидеш суден…“ (Мат. 12, 37). Не си дозволувај никаква лага. Светото Писмо предупредува: „Ти ќе ги уништиш оние што зборуваат лаги…“ (Псал. 5, 6).

– Љуби го својот ближен како себеси, според заповедта Господова. Без љубов нема христијанство. Запомни – христијанската љубов е саможртвена, а не себична. Не пропуштај ниту една можност да направиш дело на љубов и милост.

– Биди скромен, чист и целомудрен во своите постапки, во своите зборови и во мислите. Не прифаќај ги развратните. Не земај пример од нив, отстапувај од зближување со нив. Непотребно не остварувај средби со неверници – неверувањето е заразно. Однесувај се со скромност и пристојност секогаш и секаде, не прифаќај ги бесрамните обичаи на нашето време.

– Стравувај и бегај од суетата и гордоста. Гордоста го собори од небото највисокиот и најмоќниот од ангелите. Сеќавај се постојано дека си земја и во земја ќе се вратиш… Смири се длабоко.

– Главната цел во твојот живот е да си ја спасиш душата за вечноста. Ова нека биде твоја главна задача и грижа до крајот на животот. Тешко на оние кои ги изгубија своите души заради небрежност и невнимание.

Бог да те благослови и да ти помогне!

Митрополит Филарет (Вознесенски)