Како што Господ од Своето началство и власт се облекол во тело, така и христијаните се облекуваат со Светиот Дух и живеат во спокојство. Ако и настанува за нив надворешна борба, ако и бидуваат напаѓани од сатаната, тие се внатрешно оградени со Господовата сила и не се вознемируваат кога бидуваат напаѓани од демоните.

Кога сатаната Го искушувал Господа во текот на четириесет дена во пустината, Му нанел ли некоја повреда со тоа што однадвор пристапил до Неговото тело? Исто така, и христијаните, ако и бидат искушувани однадвор, тие одвнатре се исполнети со Божјата сила, и не претрпуваат никаква повреда.

Ако некој постигнал големо совршенство, тој ја примил Христовата љубов и божествената полнота. А оној што не е таков, тој сè уште во себе има внатрешна борба. Тој понекогаш се успокојува во молитвата, а понекогаш страда и се бори. Но, така Му е угодно на Бога: додека човекот е уште неопитен, Он му испраќа духовни војувања. Во неговата внатрешност како две можности се појавуваат: светлина и темнина, мир и страдање. Тој понекогаш се моли и бидува спокоен, а понекогаш е збунет и неспокоен.

Не слушаш ли што вели свети апостол Павле: „Да имам пророчки дар. И да го раздадам целиот свој имот, да позволам телото да ми изгори – штом љубов немам, ништо не ми користи“ (1. Кор. 13, 2-3).

Само овие дарби водат кон совршенството, но и оние што веќе ги добиле, иако се наоѓаат во светлината, сепак се сè уште младенци. Многумина од браќата се издигнувале на таква височина и имале дарови на исцелување, откровение и пророштво, но бидејќи сè уште не стигнале до совршената љубов, во која е „врската на совршенството“ (Кол. 3, 14), против нив се издигнувал напад, настапувала борба, и тие, бидејќи безгрижни и невнимателни – доживувале пад.

Оној што ја добил совршената љубов, тој станува роб на благодатта. А оној што постепено се приближува кон совршената љубов, тој сè уште се наоѓа под власта на стравот; нему му се закануваат напади и борба. Ако не се заштити добро – него сатаната го победува.

Секој треба да знае дека има очи, кои се повнатрешно поставени од овие очи, и има слух – кој е повнатрешно поставен од овој слух. И како што овие очи го гледаат она што е видливо и го распознаваат лицето на пријателот и на саканиот, така и очите на достојната и верна душа, кои се просветлени со божествената светлина, духовно гледаат и Го распознаваат вистинскиот пријател – преслаткиот и многуљубениот Младоженец – Христа, кога душата е озарена од Светиот Дух. На тој начин, душата, гледајќи ја духовно саканата и единствената неискажлива убавина, зајакнува во сите духовни добродетели и како последица на тоа придобива, безгранична и неисцрпна љубов кон Господа.

Свети Макариј Велики