Верата не е некоја нејасна и апстрактна теорија, убава идеологија или себекорисно религиозно гледиште.
Православната вера е искуство, етос, начин на живот.
Верата значи дека Христовиот живот станува мој сопствен. Дозволете ми да ги изнесам своите размислувања, како обичен верник, скромен монах и искрен човек.
Врската со Христос нè доведува до целата вистина.
Нашиот голем Бог станува мал, сакан и познат така што може да се вклопи во нашиот ум и во нашето срце.
Од поединци луѓето стануваат личности кои се сакаат несебично и пожртвувано.
Моралниот живот се состои во своеволно држење до евангелиските доблести.
Правете добри дела и умртвувајте ги страстите.
Секоја човечка личност, без обѕир дали залутала или е во ропство, го задржува единството и светоста на созданието по ликот Божји.
Сите ние преку својата совест го имаме здивот Божји во себе и затоа сме достојни за чест, почитување и внимание. Би требало да бидеме наклонети кон сите. Честа и љубовта не се само за важните, богатите, младите, убавите, паметните и моралните, туку и за ментално и телесно оштетените, старите, немоќните и презрените сиромашни.
Православната вера обезбедува луѓето никогаш да не очајуваат.
Навистина, таа ги води кон давање, правење добро и практикување на човекољубието, како и поддршка и помош за другите.
Кога верниците ќе го видат Христос во лицето на другата личност, стануваат потолерантни, имаат повеќе разбирање, стануваат пријателски настроени, великодушни, повеќе простуваат и стануваат попустливи.
Нема судир меѓу православната вера и науката, но таа бара од научниците да бидат отворени, смирени, скромни, благи и добродушни. А не дрски, самодоволни, безбожни и во порекнување на Бог.
Не треба да ја вртиме главата од оние кои не веруваат.
Некаде добиле голема болка, некоја реакција која сега ги спречува да се изразат. На вистински православните верници треба да им биде непозната гордоста, која со себе носи психички проблеми, стрес, тага, разочарување, сомничавост, фантазирање, изолација и вознемиреност.
Гордите луѓе се незадоволни и неурамнотежени: закана за себеси и за другите.
Вистинските христијани имаат слатка радост на смирението и задоволни се секаде и секогаш.
Прифаќањето на понекогаш занемарената светост на смирението ќе донесе рамнотежа и закрепнување на луѓето кои паднале.
Дали православната вера треба да се приспособи и да се ажурира за да би ги задоволила луѓето денес?
Цврсто веруваме дека не е така.
Кога Христос би се вратил во светот би ги рекол потполно истите работи.
Срцата на луѓето секогаш ја бараат вистината.
Повикани сме оваа вистина да ја претставиме преку бездната на љубовта.
Ниту отстапки, ниту тешки оптоварувања тука немаат никаква корист.
Нема да го зголемиме „бројот на следбеници“ така што ќе им угодуваме.
Нашата цел не е да придобиеме поддржувачи кои ќе нè фалат и ќе ни аплаудираат.
Нашата главна грижа е светоста, бидејќи светоста е она што ќе го спаси светот.
Само Православната Црква денес продолжува да владее со светот.
Повикани сме, пријатели мои, да искусиме, да славиме и да инспирираме светост.
Треба да стекнеме светост, не за да го зголемиме својот фонд на јавно признание туку за да би ја покажале својата љубов кон Бог и неговата слава.
Желбата за светост треба да произлегува од себепочитувањето и борбата да се води чесен, пријатен, мирен и слободен живот.
Изворот на светоста е нашиот Себлаг Бог, кој е единствено свет по својата природа.
Светоста можеме да ја постигнеме само со благодатта Божја; во православниот духовен живот нема самостојно самообожување.
Како што кажавме претходно, главната причина за нашето постоење е средбата со Бог.
Нашиот пат кон светоста не е чисто лична работа.
Таа лежи во телото на Црквата и во православното предание.
Нашиот напредок влијае на оние кои се околу ас, на кои повеќе им помагаме со својот пример. Стануваме битија со повеќе разбирање, лесно и пријатно е да се биде покрај нас.
Вистината секогаш треба да се исповедува без страв, но меко, нежно и поткрепено со докази.
Нашата православна вера нè поттикнува да се молиме за другите, да знаеме оти е подобро да даваме отколку да земаме, да се радуваме на среќата на другите, да тагуваме со нивните жалости, да размислуваме за нашата вечна дестинација, да научиме да бидеме трпеливи, да покажуваме воздржаност и да бидеме задоволни со едноставноста и економичноста.
Старец Мојсеј Светогорец