Секоја премудрост е од Господа и таа со Него останува засекогаш.

Кој ќе ги изброи: морскиот песок, дождовните капки и деновите на вечноста?

Кој ќе ги испита: височината на небото и ширината на земјата, бездната и премудроста?

Најнапред од сè е создадена мудроста, а и разбирањето на мудроста е од вечноста.

Изворот на премудроста е Словото на Севишниот Бог, а одот нејзин се вечните заповеди.

На кого му е откриен коренот на премудроста? Кој го знае нејзиното остварување?

Само еден е премудар, многу страшен и силен, а тоа е Господ, Кој седи на Својот престол.

Тој ја создал и ја видел, ја измерил

и ја излеал врз сите Свои дела,

врз секое тело според Својата дарба, а најмногу ги дарувал оние што Го љубат.

Стравот Господов е слава и чест, веселба и венец на радоста.

Стравот Господен го радува срцето, му дава веселба, радост и долг живот.

На оној, кој има страв од Господа, добро ќе му биде на крајот, благословен ќе биде во денот на својата смрт; стравот Господен е дар од Господа, кој води по патеките на љубовта.

Љубовта спрема Господа е славна премудрост; по Својата промисла, Тој им ја дава на оние што ги милува.

Почеток на мудроста е стравот Божји. Таа е создадена кај верните уште во утробата на нивната мајка; таа се утврдила меѓу луѓето на вечни основи, на нивните потомци таа ќе им биде предадена.

Стравот Господов е полнота на мудроста, таа ги опива луѓето со своите плодови.

Нивниот дом го исполнува со сè што ќе посакаат и сите нивни житници – со своите плодови.

Венец на мудроста е стравот Господен; тој дарува мир и крепко здравје;

и едното и другото од Бога се дарови, Кој ја зголемува славата на мудрите.

Корен на мудроста е стравот Господен; долг живот се гранките нејзини.

Стравот Господен ги отстранува гревовите; а кој нема страв – не може да се оправда.

Несправедлив гнев не може да се оправда; тежината на гневот е паѓање за човекот.

Трпеливиот човек претрпува докрај, а потоа – наградата негова е радост.

Долго ги сокрива своите зборови, а устите на верните ќе говорат за неговата разумност.

Во ризниците на мудроста се тајните на разумот, а грешникот не го сака стравот Господов.

Ако копнееш по мудроста, исполнувај ги заповедите, и Господ неа ќе ти ја даде,

бидејќи стравот пред Господа е мудрост и знаење; а верата и кротоста Му се угодни на Бога.

Не биди недоверлив спрема стравот Господен; со срце поделено не пристапувај кон Него.

Не биди лицемерен пред другите; и внимавај на својата уста.

Немој да се гордееш, за да не паднеш и да не бидеш осрамотен; Господ ќе ги открие твоите тајни и ќе те понизи пред сите – затоа што не си пристапил искрено пред стравот Господен и што срцето твое е полно со лукавства.

Мудрост Сирахова (гл. 1, 1-30)