Општина Струмица, денеска, го славеше Денот на заштитниците „Свети 15 тивериополски свештеномаченици“. По тој повод во големата сала на Центарот за култура „Антон Панов“ се одржа свечена седница на Советот на општина Струмица, на којашто меѓу големиот број гости и пријатели на Струмица, беше и Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев.

За значењето на празникот зборуваше градоначалникот Костадин Костадинов.

-Со почит и љубов кон Светите петнаесет тивериополски свештеномаченици, да си ја сакаме и Струмица, како што се сакаат ближните и најмилите. Да си ја сакаме не само со збор , туку со оставање сопствени белези на нашето постоење во нејзиното севкупно битисување. На нејзините вековни и постоечки вредности, да надоградуваме вредности со нов сјај како рефлексија на новото и современо време. Да му се радуваме со озарени лица на секое камче од богатиот мозаик на овој наш град, и да се потрудиме да го направиме уште поубав, уште побогат и уште посветол. Тоа што со љубов сме го наследиле од предците, со љубов треба и да го предадеме на идните генерации, оти овој чудесен град ниту почнал да постои со нас, ниту со нас ќе престане да постои. Струмица заслужува прогрес по нејзина мерка и по мерка на сите струмичани. Тоа можеме да го сториме со заеднички влог, но и со вера, надеж и љубов, рече градоначалникот Костадинов.

На свечената седница беа доделени годишната награда и наградата за животно дело на општина Струмица за 2021 година.

Добитници на годишната награда се Ѓорѓи Калајџиев од областа на културата и литературата, Божана Трајкова од областа на крводарителството и хуманоста и Наталија Иванова за помагање и згрижување бездомни животни, а наградата за животно дело ја доби поранешниот одбојкар и тренер Никола Донев за посебни остварувања во спортот.