Проповедникот вели: Суета над суета, суета врз суета – сè е суета!

Каква полза има човекот од секој негов труд кој го вложува под сонцето?

Еден род си заминува, а потоа род друг доаѓа, а земјата си постои секогаш.

Сонцето изгрева и заоѓа, и повторно брза кон своето место, од каде што изгрева.

Ветрот вее кон југ и свртува кон север, се врти и свртува по својата патека и повторно во круг ги почнува своите вртежи.

Сите реки во морето течат, но морето не се преполнува: тие се враќаат кон она место, од каде што почнале, за одново и повторно да потечат.

Секоја работа бара труд: човекот не може сè да искаже; окото од гледање не се наситува, ниту увото може да се наслуша.

Она што било, повторно ќе биде, и она што се правело, повторно ќе се прави – нема ништо ново под сонцето.

И ако за нешто се рече: „Види, ете, тоа е ново”; но, тоа веќе било во минатите векови што поминале пред нас.

Не останува спомен за минатото; па и за тоа, што ќе биде подоцна.

Јас, проповедникот, бев цар над Израилот во Ерусалим;

и го насочив срцето свое, преку мудроста, сè да истражува и да испитува што станува под небото; таква тешка задача им даде Бог на синовите човечки, за да се занимаваат со неа.

Ги видов сите работи што се вршат под сонцето, и ете – сè е суета и мака за духот.

Кривото не може да се исправи, и она што го нема не може да се изброи.

Си велев во срцето свое: „Еве, јас се воздигнав и се здобив со мудрост повеќе од сите оние што беа пред мене над Ерусалим, и срцето мое виде многу мудрости и знаења.”

И го насочив срцето свое да ја познае мудроста, да ги познае безумието и глупоста; но разбрав, оти и тоа е мачно за духот;

зашто, при голема мудрост големо е и страдањето, и кој умножува знаење, ја умножува и маката.

 

Проповедник (1, 2-18)