ДОМОТ БЕЗДОМНИК

Гулабите доаѓаат да колваат
и на напуштените балкони.
Носат живот во клуновите,
трошки и подјадени плодови
запретуваат во празните саксии и пак си одат.
Надежта е зрно што го полни стомакот,
го смирува рикањето на внатрешниот ѕвер
и змејот што го чува домот
расте како диво цвеќе крај плетот.
Никулец е што ја рие земјата однатре,
ја гребе и двои на убав начин.
Дрвото самоник не знае како зачнал корен

ниту избира во кој двор ќе порасне
и каде ќе капат црешите,
ќе ги берат деца
или ќе скапуваат на највисоките гранки.
Надежта е духот што ни е вдахнат,
нѐ надживува и преминува
од една материја во друга.
На тремот стојам и чекам гулабицата да ми каже
дали и вчера доаѓаше
и чие семе ме пораснало на ова место
под оваа веранда.

 

Сузана Мицева