Бидејќи Словото, гледајќи дека пропаста на луѓето не може да биде поинаку надмината, освен преку смртта како неопходен услов, и бидејќи во исто време е бесмртно Слово и Син на Отецот Кое е неспособно да умре, Тоа за оваа цел прифатило тело, способно за смрт, за таквото тело преку својата припадност кон Словото, Кое е над сè, да може достојно да умре наместо сите, а самото пак тело, поради пребивањето на Словото во него да остане нетлено и нераспадливо, за да може потоа да биде ставен конечниот крај на распаѓањето и на сите други тела преку благодатта на воскресението. Имено, преку предавањето на смрт на телото што го прими Самиот Христос како принос и жртва без недостаток, Тој нагло ја укина смртта на Своите собраќа, принесувајќи нешто соодветно и рамновесно, бидејќи Словото Божјо над сè, преку приложувањето на Неговиот сопствен храм и телесен инструмент за животот на сите, во Својата смрт го исполнило сето она што било потребно. И така, Тој, нетлениот Син Божји, преку соединување со сите со посредство на подобно естество, природно нѐ облече во нераспадливост и нетление преку ветувањето за воскресение, бидејќи дејствителноста на смртта, заради Словото, нема моќ над човекот, Кое преку Своето едно и единствено тело дојде да живее меѓу луѓето.

И исто, како кога некој величенствен цар ќе влезе во некој голем град и се сместува во една од неговите куќи, и тогаш целиот град е удостоен со голема чест и непријателите и грабливците престануваат да го напаѓаат и ограбуваат, па дури и се смета дека му била укажана секаква достојна грижа заради престојот на царот во онаа единствена куќарка; исто се случува и со Царот на сите нешта – зашто откако Тој дојде на нашата земја и живееше во едно тело меѓу Своите браќа, како резултат на што сите непријателски заговори против човечкиот род беа спречени и осуетени, а распадливоста на смртта што претходно нѐ држеше под своја власт престана и се прекрати, бидејќи човечкиот род ќе пропаднеше целосно ако Господ – Спасителот на сите и Синот Божји не беше дошол меѓу нас за да ѝ стави крај на смртта.