Пред сè, возљуби Го Господ Бог со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила.
Возљуби го својот ближен како самиот себе.
Не убивај.
Не прељубодејствувај.
Не кради.
Не криј во својата душа страсни желби.
Не сведочи лажно.
Почитувај го секој човек.
Не прави го на другите она, што не сакаш тебе да ти го направат.
Откажи се од себе, за да го следиш Христа.
Биди строг кон сопственото тело.
Не оди во потрага по задоволства.
Љуби го постот.
Поткрепувај ги сиромашните.
Облечи го оној што оди гол.
Посетувај ги болните.
Погребувај ги мртвите.
Поткрепи го оној што е во искушение.
Утешувај ги натажените.
Биди туѓ на постапките на луѓето.
Не претпочитај ништо пред љубовта Христова.
Не дозволувај гневот да те раководи.
Не губи време во лутина.
Не прикривај заблуда во своето срце.
Не се успокојувај само привидно.
Не откажувај се никогаш од милосрдието.
Не се заколнувај од страв да не отстапиш од заклетвите.
Зборувај ја вистината и со своето срце и со својата уста.
Не враќај на злото со зло.
Не навредувај, но трпеливо поднесувај ги нанесените навреди.
Љуби го својот непријател.
Не одвраќај со зловолност на оној што нè клевети, подобро е да благословуваш.
Поднесувај прогони заради правда.
Не биди горделив.
Не оддавај се на виното.
Не претерувај со храната.
Не биди сонливец.
Не биди мрзелив.
Не роптај.
Не шири клевети.
Надевај се во Бога.
Ако некој согледа нешто добро во себе, нека му го припише на Бога, а не на самиот себе.
Всушност, знај секогаш дека злото е твое дело и припишувај си го на себеси.
Имај страв од денот на Страшниот суд.
Мрази го пеколното подземје.
Стреми се кон животот вечен со сиот стремеж на својот дух.
Секој ден спомнувај си за неизбежната смрт.
Набљудувај што се случува во секој момент од својот живот.
Биди уверен дека Божјиот поглед достигнува насекаде.
Лошите помисли, што се појавуваат во срцето, уништи ги пред Самиот Христос и исповедај ги на духовниот отец.
Воздржувај си го говорот од лоши и недолични зборови.
Не вплеткувај се во многуговорливост.
Не изговарај бесмислени зборови или подбивања.
Не сакај прекумерно и неприродно смеење.
Со задоволство слушај ги свештените писанија.
Редовно коленичи кога се молиш.
Секој ден, во молитва пред Бога, со плач и солзи исповедај ги сопствените гревови и поправи се во иднина.
Не потчинувај се на телесните желби.
Откажи се од сопствената волја.
Целосно почитувај ги наредбите на игуменот, дури и ако тој, за несреќа, прави нешто поинаку. Спомнувај си за Божјата заповед: Прави го она што ви го кажуваат, а не она што тие го прават.
Не сакај да бидеш сметан за светител уште пред да станеш тоа, туку пред сè биди таков, затоа што ако кажеш такво нешто случајно, тоа треба да е точно.
Практикувај ги секој ден Божјите заповеди.
Љуби го целомудрието.
Не мрази никого.
Не чувствувај љубомора.
Не прави ништо од завист.
Не сакај кавги.
Избегнувај високомислие.
Почитувај ги возрасните.
Сакај ги младите.
Со љубовта Христова моли се за непријателите.
Пред зајдисонце, помири се со оној со кого си имал несогласувања.
Никогаш не губи надеж во Божјата милост.
Еве, тоа се вештините на духовната уметност.
И ако ние ги користиме постојано, дење и ноќе препознавајќи ги, на Страшниот суд ќе ја добиеме од Господа наградата што Тој Самиот ни ја вети…