Постот е востановен од Бога преку заповедта дадена на првите луѓе во земниот рај „да не јадат од дрвото за познавање на доброто и злото“ (1. Мој. 2, 17). Преку неа Бог сакал уште на самиот почеток да ги научи луѓето на послушност и воздржување.
Постот е: оружје во духовната борба против поднебесните сили (лукавиот и неговите црни ангели)“ (Матеј 17, 21; Ефес. 6, 12), неопходно средство за стремеж на човекот кон духовно совршенство, надежна сила за давање отпор во духовната немоќ и благодатна ризница за постигање на крајната и врвна цел на христијанскиот живот – светоста и спасението во Господа.
Во Стариот завет имаме многу примери за постот: Св. пророк Мојсеј Боговидец постел 40 дена и 40 ноќи (2. Мој. 34, 28), за да се подготви да ги прими Десетте Божји заповеди. Св. пророк Илија, со строг пост, духовна чистота и голема ревност за Господа, се удостои да ја види Божјата слава. Св. Јован Крстител е познат како најголем и најстрог испосник. Воопшто сите праведници постот го запазувале во помала или во поголема мера.
Самиот Господ Исус Христос се подготвил за сеопшто служење и за искупителниот подвиг преку четириесетдневен пост (Матеј 4, 2). Во проповедта на планината, Он ги учел своите следбеници каков треба да биде вистинскиот пост: „Кога постите, не бидете нажалени како лицемерите, зашто тие си ги прават лицата мрачни за да се покажат пред луѓето дека постат. А ти, кога постиш, помажи ја главата своја и измиј го лицето свое, па да се покажеш дека постиш не пред луѓето, туку пред твојот Отец, Кој е во тајност. И твојот Отец, Кој гледа тајно, ќе те награди јавно“ (Матеј 6, 16-18).
Оние кои поверувале во Христа започнале да постат уште во времето на апостолите. Првите христијани постеле строго, често и продолжително, за подобро да се подготват за богоугодни подвизи. Во првите векови христијаните постеле не во определено време, туку кога сакале и колку сакале.
Освен за веќе постоечките – Велигденскиот и Петровденскиот пост, во четвртиот век наоѓаме правила и одредби и за Божиќниот и Богородичниот пост. Четирите пости биле пригодни и прилагодени кон четирите годишни времиња.
Суштината на христијанскиот пост не е умртвување на телото, како што погрешно се мисли, туку умртвување на гревот во нас, зашто гревот предизвикува пропаст и смрт. Закрепнувајќи ја волјата, постот му дава можност на духот да владее со телото.
Кога христијанинот пости треба да се откаже од секакви светски веселби и задоволства, од посетување на места каде воопшто може да се згреши со помисла, збор или со поглед. Воопшто треба да се стремиме, колку е можно повеќе, поголемиот дел од денот мислите да му ги посветиме на Бога и да претстојуваме во тајна умносрдечна молитва.
Св. Гаврил Светогорец – Епископ Велички