Свети Григориј Богослов го испратил ова писмо до една своја духовна ќерка, Олимпијада, како подарок за нејзиниот штотуку склучен брак. Оваа поука изобилува со скапоцени совети за успешен брак.
„Ќерко моја, за венчанието твое, јас Григориј, како твој духовен отец, ти го дарувам моево творение. Навистина, најдобра од сè е оваа поука, како од татко за својата рожба. Слушај ме, значи, Олимпијадо моја:
Знам дека сакаш да си вистинска христијанка. Една вистинска христијанка не треба да биде само по име, но треба да има и такво надворешно поведение. Затоа, те молам да внимаваш на твојата надворешна појава. Да бидеш едноставна… Тешките и скапоцени фустани нека ги носат оние кои не сакаат возвишен живот, кои не знаат што значи духовниот зрак. Но, ти постави си големи и високи цели во својот живот. А овие цели го сакаат од тебе целосното твое внимание.
Со бракот, твојата усрдност и љубов нека бидат пламени и да не отстапат и да не го намалат она кое ти го дал Бог. А тоа е она, кое стана средиште на твојот живот и кое ти го весели срцето. И ако разбереш дека мажот твој те сака повеќе отколку што ти го сакаш него, гледај да не се издигнеш суетно во височините, но секогаш држи го она место кое ти го ограничило Евангелието.
Знај дека си жена, дека имаш голема предодреденост која е различна од онаа на мажот, а кој треба да биде главата. Остави ја неразумната еднаквост на двата пола и обиди се да ги сфатиш барањата на бракот. Во нивната примена ќе видиш колку издржливост е потребна за да одговориш како што треба на овие барања, но и колкава сила се крие во навидум послабиот пол.
Треба да знаеш дека многу лесно се разгневуваат мажите. Невоздржливи се и личат на лавови. Во таквиот случај, жената треба да е посилна и повозвишена. Треба да ја игра улогата на скротител на ѕверови. Што прави скротителот кога ѕверот рика? Станува уште помирен и со добрина го скротува гневот. Му говори слатко и меко, го милува, се грижи и повторно го милува и така го припитомува.
Никогаш да не го осудуваш твојот маж ако нешто не направил како што треба. Ниту за неговата недејствителност, дури и ако исходот не е тоа што ти си го посакувала. Зашто ѓаволот е оној кој влегува како препрека во еднодушноста на сопружниците.
Сè нека ви биде заедничко – и радостите и жалостите. Зашто бракот го направил заедничко сето она што е ваше. Заеднички грижете се, зашто така домот ќе се утврди. Изрази го и ти сопственото мнение, но мажот нека одлучи.
Кога го гледаш натажен, во тој миг земи и ти удел во неговата тага. Зашто во жалоста, голем лек е сожалувањето од пријателот. Но, твојот поглед нека биде блескав и секогаш биди смирена. Жената е мирното пристаниште за бродоломниот сопруг.
Не гледај ги занесените жени, кои на ум го имаат надворешното и прикажувањето. Држи го твојот изглед мирно и не изобличувај го со неприлични изрази, дури и кога си гневна. Ушите нека ти немаат бисери како украс, но нека слушаат добри зборови, а за лошите нека ставаат клуч на разумот. Така, ќе слушаат или не, слухот ќе остане непорочен. Истото е и за очите, зашто тие го прикажуваат сето она што е внатрешно на душата. Нека капе непорочно црвенило под твоите очи и нека предизвикува смерност и непорочен срам кај сите кои те гледаат, па дури и кај твојот сопруг. Многупати, за многу работи, ќе биде корисно да ги држиш очите затворени, спуштајќи го својот поглед.
А сега за јазикот. Мажот секогаш ќе ти биде непријател доколку јазикот ти е незауздан, па дури и да имаш илјада други добродетели. Неразумниот јазик многупати ги става во опасност и невините. Дури и кога имаш право, претпочитај го молчењето. За да не бидеш во опасност, подобро е да не кажуваш некој неумесен збор. И ако имаш желба да говориш многу, подобро е да молчиш. Внимавај дури и на твоето чекорење. Има големо значење за благоразумноста.
Ако од мене, твојот старец, си примила некое духовно слово, ти советувам да го чуваш во длабочините на твојата душа. Така, со сето она што си го примила и си го слушнала, и со твојата морална возвишеност, ќе го лечиш од гордоста својот одличен сопруг и почитуван градски човек.
Сега, прими го овој мој подарок. Ти го подарувам како некаква скапоценост. Ако сакаш повторно да ти честитам, ти посакувам да станеш плодна како лоза. Да имаш синови и од твоите синови, за од мнозина да биде прославен Бог, оти за Него сите ние се раѓаме и кон Него повторно, од овој живот, одиме и заминуваме.“