Од грев е ослободен оној кој веќе го замразил гревот според сведоштвото на својата совест, а и оној кој, според зборовите на Апостолот, почувствувал дека: Чистата совест самата на себе си е сведок.
Кога некому секој човек му се чини чист и никој не му се претставува како нечист и осквернет, тогаш навистина таквиот е чист во срцето.
Кој го води својот живот според примерот на Законодавецот и се раководи според Неговите заповеди, на тој му е неможно да престојува во гревот.
Кој бега од тешкотиите, тој несомнено се разделува од доблеста.
Ако ја сакаш доблеста биди подготвен за секоја тешкотија. Бидејќи тешкотиите го раѓаат смирението.
Душата, која на себе ја зела грижата за доблеста и која живее во строгост и во страв Божји не може да биде без тагата ниту еден ден, со оглед на тоа што доблестите се тесно поврзани со тагата.
Кој без тешкотии пребива во својата доблест, на тој му се отворени вратите на гордоста.
Патот Божји е секојдневен крст. Никој не се воздига на небото живеејќи угодно.
Нема корист од доблеста која ја постигнал човекот, а не се грижи за неа и не работи за неа.
Волја на Духот Божји е неговите љубимци постојано да делуваат (да работат).
Кој се фали со добрите размислувања, ќе се засрами од страстите штом со нив ќе се сретне.
Она што е солта за секоја храна, тоа е смирението за секоја доблест, тоа може да ја скрши силата на многу гревови.
Ниту една доблест не е толку возвишена како кротоста и таа многу тешко се покажува (манифестира).
Немој да му соопштуваш на другиот што самиот не си го постигнал, за да не се посрамиш. А кога зборуваш некому нешто корисно, зборувај скромно, како ученик, а не со власт и со дрскост.
Не верувај дека си доволно силен сè додека не бидеш во искушение и не се најдеш себеси непроменет. Така во сè пробувај се себеси.
Твојот ум нека не биде злобен и немој да се потпираш на својата сила, за да не паднеш во природна слабост; дури тогаш, според сопствениот пад, ќе ја познаеш својата немоќ.
Никој, кој не престојува во искушение, не може да стекне духовна мудрост. И без грижливо читање не може да се познае финоста на мислата.
Каде ′рти кротоста, таму се излива славата Божја.
Љуби го грешникот, но мрази ги делата негови.
Праведникот кој не ја познал својата слабост не е далеку од падот. Освен тоа, кој не ја познава својата слабост на тој му недостасува кротост, а кој е без кротоста далеку е од совршенството.
Верата бара дела и надежта во Бога се покажува во страдањето за доблестите… Твојата вера нека ја прати достоен труд и тогаш ќе те слушне Бог.
Во усовршувањето нема граници, бидејќи совршенството е бескрајно.
Покајанието е голема доблест и води кон усовршување. Тоа, сè до самата смрт, не се ограничува ни со време ниту со дела.
Секое прекумерно задоволство го следи одвратност и горчина како нераздвојни сопатници.
Кој, сеќавајќи се на Бога го уважува секој човек, тој според волјата Божја тајно наоѓа за себе помош кај секој човек.
Одморот и неработењето – се погибел за душата, и тие повеќе можат да ѝ наштетат отколку злите духови.
Повеќе плаши се од навиките отколку од непријателот… Ако навиката побара нешто еднаш и нејзиното барање не ѝ биде извршено, тогаш ќе видиш дека е слаба. Ако, пак, ѝ ја исполниш волјата, тогаш друг пат ќе забележиш како таа те напаѓа со многу поголема сила.
Да се судиш не е прилично во христијанскиот живот. Весели се со оние кои се веселат и плачи со оние кои плачат, бидејќи тоа е знак за духовна чистота. Боледувај со болните; пролевај солзи со грешниците; радувај се со оние кои се каат. Дружи се со сите луѓе, но во својата мисла секогаш пребивај сам… Никого не изобличувај, не ги карај дури и оние кои имаат многу лош начин на живот. Постели ја својата облека пред оној кој паѓа и покриј го.
Сеќавај се на Бога, за и Тој на тебе постојано да се сеќава.
Бог нема да те остави, но внимавај ти Него да не Го оставиш.
Додека сме во овој свет и додека престојуваме во тело, па макар и да се издигнеме во доброто сè до небесниот свод, не можеме да останеме без работа и труд и да бидеме без грижи и стремежи.