На прашањето: „Кого го сметаш за чинител на доброто и злото?“ – христијанинот одговара: „Ние велиме, дека само Бог и никој друг е чинител на сите добра, но не и на злото“.

На тоа Сараценот вели: А кого го нарекуваш чинител на злото?

Христијанинот: Оној кој по своја волја е ѓавол, и се разбира ние луѓето.

Сараценот: Зошто?

Христијанинот: Заради слободната волја.

Сараценот: Значи, ти си слободен и можеш да правиш што сакаш?

Христијанинот: Јас сум создаден слободен само за две нешта.

Сараценот: За кои?

Христијанинот: За правење добро и за правење зло. Затоа, правејќи зло, јас ја сносам казната од Божјиот закон, а правејќи добро не се плашам од законот, туку сум почитуван и помилуван од Бога. Така и ѓаволот е создаден од Бога слободен уште пред самите луѓе, но тој згрешил и Бог го исфрлил од неговиот чин. Но, ти можеби ќе ми возвратиш: Тоа што ти го нарекуваш добро и зло – што претставува тоа? Еве, сонцето, месечината, ѕвездите се добри – направи нешто такво (добро). Но, нели затоа јас пред малку ти реков: Јас творам добро и зло кое е соодветно на човекот: добро, како на пример, прославување на Бога, кажување молитва, правење милостина и слично, а зло – правење блуд, вршење кражба и слично; ако е, како што велиш ти, и доброто и злото од Бога, тогаш Бог ќе се покаже дека е неправеден, што секако не е така. Ако некогаш Бог им заповедал, како што ти велиш, на блудникот да блудствува, на крадецот да краде, на убиецот да убива; тогаш тие се достојни за чест – зашто ја извршиле Божјата волја. Ќе се покажат и твоите законодаватели – лажговци и твоите книги – лажливи, бидејќи пропишуваат казна за блудникот и крадецот и за убиецот кои би требало да се почитуваат, зашто ја извршиле волјата Божја.

Сараценот вели: „Кој ги обликува младенците во женските утроби?“ –  Сарацените ова прашање ни го поставуваат како најтешко, сакајќи да докажат дека Бог е причинител на злото. Па, ако му одговорам дека Бог ги обликува младенците во женските утроби, тогаш Сараценот ќе рече: „Ете, Бог е соработник и на блудникот и на прељубодеецот.“ А на тоа христијанинот ќе му одговори: „Никаде во Писмото не наоѓаме дека Бог составува или создава нешто после првата недела од креирањето на светот. Ако ти се сомневаш во тоа, самиот покажи некое создание или производ, кои се создадени од Бога после првата седмица. Но, ти никако не ќе можеш да покажеш, зашто сите видливи созданија настанале во првата седмица. Бог во првата недела го создал човекот и му заповедал да раѓа и да се раѓа, велејќи му: „плодете се и множете се и исполнувајте ја земјата“ (Бит. 1, 28). И бидејќи човекот бил надарен со душа, имајќи душевно семе, отишол да го посее во својата жена. Така човек раѓа човек, како што вели божественото Писмо: „Адам го роди Сит, и Сит го роди Енос, и Енос го роди Каинан, и Каинан го роди Малелеил, а Малелеил го роди Јаред, и Јаред го роди Енох“ (Бит. 5, 3-18). Но, не е кажано: „Бог го создаде Сит или Енос или некој друг“ – па, оттука ние знаеме дека единствениот создаден од Бога е Адам, а неговите потомци се раѓаат сè до денес. И така со благодатта Божја опстанува светот, бидејќи секоја трева и растение оттогаш со заповед Божја раѓа и се раѓа – зашто Бог рекол: „Да израсне од земјата тревно зеленило“ (Бит. 1, 11), и со Негова заповед израснало секое дрво и секој тревен род и растение, кое има во себе семенска сила. Семето на секое растение и на секоја трева е продуховено и кога паѓа на земја самото од себе или кога е просејувано од некој друг, тоа расте, несоздадено од нешто друго туку покорувајќи ѝ се на првата и на најраната Божја заповед. Еве и јас, како што веќе реков, бидејќи слободен само во двете спомнати работи, каде и да сејам, користејќи ја својата власт, во своја или во туѓа жена, семето оплодува и станува послушно на првата Божја заповед, а не така, небаре Он секој ден создава и твори, бидејќи во првата седмица Бог ги створил небото и земјата и целиот свет во шест дена, а во седмиот одморил од сите свои дела (Бит. 2, 1), како што и Светото Писмо ни сведочи.“

Сараценот: А како Бог му вели на Еремија: „Пред да те обликувам во утробата, Јас те познав и во неа те осветив.“ (Ерем. 1, 5)?

Христијанинот: Бог ја образувал продуховената семенска сила на секој маж од Адам па наваму. Зашто Адам, имајќи го во себе Сит, го родил, како што веќе реков, а Сит – Енос. И секој човек го родил синот, претходно имајќи го во својата утроба, а потоа го родил и неговиот син, и така се раѓа сè до денеска. А „во утробата те осветив“, разбери ја како утроба во која се раѓаат вистинските Божји чеда по сведоштвото на светото Евангелие: „А на оние кои Го примија, кои поверуваа во Неговото име, им даде власт да бидат синови Божји, кои ни од крв, ни од похот плотска, ни од похот машка, туку од Бога се родија.“ (Јн. 1, 12-13), се разбира преку Крштението.

2.

Сараценот: „А пред Христа имало ли крштение? Бидејќи, Еремија е роден пред Христа.“

Христијанинот: Имало, според сведоштвото на светиот апостол Павле кој вели дека „едни се крстиле во облакот, други во морето“ (1. Кор. 10, 1). И Господ вели во Евангелијата: „Ако некој не се роди од вода и Дух, не може да влезе во Царството Небесно“ (Јн. 3, 5). Така што, Авраам и Исаак и Јаков и другите светии пред Христа, влегувајќи во Царството Небесно прво биле крстени, зашто според Христовото сведоштво, ако не биле крстени не би се спасиле. Сведочи и Светиот Дух, велејќи: „Отуѓени се грешниците од утробата“ (Пс. 57, 4), односно од крштението. Затоа, исповедаме, дека сите што се спасиле и се спасувани со крштението, всушност се спасени и се спасуваат по Божјата благодат.

3.

Сараценот: Тој што ја твори Божјата волја, ти го нарекуваш добар или зол?

Дознавајќи ја неговата итрина, христијанинот вели: Знам што сакаш да кажеш.

Сараценот: Па, раскажи ми.

Христијанинот: Ти сакаш да прашаш; Христос доброволно страдал или, пак, неволно? Па, ако ти одговорам: доброволно страдал, ќе ми речеш: Оди сега поклони им се на Јудеите, зашто тие ја исполниле волјата на твојот Бог.

Сараценот: Токму тоа сакав да ти го кажам, но ако имаш аргументи, одговори ми.

Христијанинот: Тоа што ти го нарекуваш волја, јас го именувам трпение и великодушност.

Сараценот: Како можеш да го докажеш тоа?

Христијанинот: На дело, бидејќи ако ние двајцата стоиме или седиме, може ли некој од нас без Божјо допуштение да стане и да се придвижи?

Сараценот: Не.

Христијанинот: Кога Бог вели: Не кради, не блудствувај, не убивај, сака ли Он ние да крадеме, да блудствуваме, да убиваме?

Сараценот: Не, оти ако би сакал, Он не би рекол: Не кради, не блудствувај, не убивај.

Христијанинот: Слава Му на Бога што го призна она што сакам да ти го кажам. Ти се согласи со мене дека никој од нас без Бога не може ни да стане ни да се движи, и дека Бог не сака да крадеме или да убиваме. Сега ако станам, отидам и украдам или блудствувам, ќе речеш ли дека тоа е Божја волја или е допуштање, трпение и великодушност?

4.

Разбирајќи и восхитувајќи се, Сараценот рече: Навистина, тоа е така.

Христијанинот: Разбери го и тоа, дека иако Бог може и да казни, Он се воздржува привремено, т.е. покажува великодушност кон гревот. Но, ако јас не се покајам, Он кога ќе посака ќе ме казни, како што постапил и со Јудеите. Зашто, по малку години Он ги подигнал против нив Тит, Веспазијан и Елините и ја уништил нивната гордост.

5.

Ако Сараценот те праша и ти рече: За кого го сметаш Христос? – ти одговори му: Он е Словото Божјо и мислам дека овде не грешам во ништо, бидејќи Он и во Светото Писмо се именува како Слово, Премудрост, Божја Сила и слично, зашто Он е многуимен. Прашај го тогаш и ти него: „Како се нарекува Христос во твојата книга?“ Можеби тој ќе сака да ти се измолкне прашувајќи те нешто друго, но не му одговарај додека не го разреши твоето прашање. И ќе мора да ти одговори: „Во мојата книга – Куранот, Христос се нарекува Дух и Божјо Слово.“ И тогаш повторно прашај го: „Духот и Божјото Слово твојата книга ги смета за несоздадени или создадени?“ И ако рече: „несоздадени!“, тогаш кажи му: „Ете, ти се согласуваш со мене“ – бидејќи она што не е создадено од никого туку самото создава, всушност е Бог. Ако тој воопшто се осмели да ти одговори дека тие се создадени, кажи му: „Но, кој ги создал Духот и Божјото Слово?“ И ако не знае да ти одговори, дека Бог ги создал, кажи му: „Ти штотуку рече дека се несоздадени, а сега тврдиш дека ги создал Бог. А, ако јас така би кажал, ти ќе ми речеше: Ти самиот го побиваш своето сведоштво и јас повеќе не ти верувам, што и да ми кажеш. Сепак, ќе те прашам уште нешто: Пред Бог да ги создаде Духот и Словото, Он немал ли ниту Дух, ниту Слово?“ И тој ќе избега од тебе немајќи што да ти одговори, а таквите луѓе Сарацените ги сметаат за еретици. Тие од нив се многу омразени и одбивани и тој многу ќе се плаши од тебе за да не разгласиш за него на другите Сарацени.

6.

И ако Сараценот ти рече: „Како слегол Бог во утробата на жена?“, одговори му: „Да видиме и во твојата книга и во моето Писмо: Твојата книга вели дека Бог прво ја очистил Дева Марија повеќе од секоја друга женска плот и во неа слегол Божјиот Дух и Словото. А моето Евангелие гласи: „Светиот Дух ќе слезе на Тебе и силата на Севишниот ќе те осени“ (Лк. 1, 35). Еве еден глас на двете преданија, кои имаат иста смисла. Знај го и тоа дека за слегувањето и искачувањето кое е применливо на нашите својства во Божјото Писмо се кажува во преносна, а не во буквална смисла, бидејќи слегувањето и искачувањето философите го поврзуваат со телата, а во Бога се содржи сè и Него никаков простор не го опфаќа. Еден пророк вели: „Кој ги исцрпил морските води со раката својата и со педа го измерил небото и со мерка го измерил правот земен?“ (Ис. 40, 12). Воопшто, сите води се под Божјата рака, а педа Му е целото небо, а дланка, пак, целата земја. Како може Оној во Кого се содржи сè, Самиот да слезе и да се искачи со сопствената рака?“

7.

Ако Сараценот те праша: „А ако Христос бил Бог, како јадел, пиел, спиел…?“ – ти кажи му дека предвечното Божјо Слово кое создало сè, како што сведочи и моето Писмо и  твојата книга, Самиот го создал совршениот човек од плотта на Света Дева Марија, кој е продуховен и надарен со ум. Тој пиел, јадел и спиел, а Божјото Слово не јадело, не пиело, не спиело и не било распнато и не умрело, туку светата Плот која Он ја примил од Светата Дева, таа плот била распната. Знај дека Христос е двоен по природа, но е еден по ипостас. Зашто и после примањето на плотта едно е предвечното Божјо Слово, но не по природата – зашто не се придружило четврто лице кон Троица после неискажливото соединување со плотта.

8.

Ако Сараценот те праша: „Таа што ја нарекувате Богородица – мртва е или е жива?“ – кажи му: „Не е мртва – потпирајќи се на доказ од писмата на Светите отци. Зашто за тоа е напишано: Таа претрпела природна човечка смрт, но смртта не ја задржала и не ја покорила како нас. Не, туку како првиот човек кој заспал и му било одземено едно ребро.“

Сарценот многу се восхити и немајќи што да каже, се оддалечи и повеќе не го предизвикуваше христијанинот.