– Биди цар во твоето срце, седнат на возвишениот трон на смирението.

– Во длабочините на плачот се наоѓа утехата.

– Безбожник е смртно битие кое единствено има разум.

– На оној што стекнал љубов му недостигаат пари. Кој вели дека ги има и двете, се залажува себеси.

– Беден е оној што паѓа. А уште победен е оној што со себе го повлекува и другиот, бидејќи ќе ја понесе тежината на гревот и на тој другиот.

– Оној што очајува, всушност се самоубива.

– Како што лебот е потребен повеќе од секоја друга храна, така и сеќавањето на смртта е попотребно од било кој друг подвиг.

– Кроткоста е неподвижна состојба на душата која не се менува ниту ако трпи понижување, ниту ако слуша пофалби.

– Почеток на гневот е кога устата е тивка, а срцето е возбудено. Средината е кога мислата молчи при тивкото вознемирување на душата, а врвот е кога мирот е непоколеблив и покрај тоа што дуваат нечисти ветрови.

– Бесот е израз на притаена омраза.

– Срдитиот човек е доброволен падавичар, кому епилепсијата му преминува во навика.

– Оној што го победил гневот, го уништил злопамтењето. Бидејќи, сè додека таткото е жив, дотогаш и децата се раѓаат.

– Малкумина можат да ја сопрат водата без брана. А уште помалку се оние кои можат да ја скротат невоздржливата уста.

– Биди му господар на твојот стомак, пред тој да завладее над тебе.

– Гордоста е крајната беда на душата, која во своето помрачување мисли дека е богата.

– Пијанството е причина за сопнување, а гордоста е причина за недостојни помисли. И макар оној што се сопнал да не е виновен за самосопнувањето, сепак за пијанството секако ќе биде казнет.

– Праведната душа е другар на смирението, а лукавата роб на гордоста.

– Оној кој во себе се смирил, не може да биде ограбен од својата уста. Она што го нема во ризницата, не може да се изнесе пред портата.

– Милоста Божја им се покажува на оние што Му служат, а утехата им се дава на оние кои Го љубат.

– Во часот на смртта сме должни да покажеме дела, а не зборови.

– Љубовта е поголема од молитвата. Молитвата е делумна доблест, а љубовта е сеопфатна добродетел.

– Не може сите да станат бестрасни, но можно е сите да бидат спасени и помирени со Бога.

– Опиените со вино, често се трезнат со вода. Опиените од страсти, се трезнат со солзи.

– Блудниците може да бидат излечени од луѓе, расипаните од ангели, а горделивите само од Бога.

– Видливата гордост ја лечат тажни околности, а невидливата Оној Кој отсекогаш е невидлив.

– Како што облаците го прикриваат сонцето, така и злите мисли го затемнуваат и погубуваат разумот.

– Опасно е да се влегува во длабочините на Божјиот суд. Љубопитните пловат на бродот на гордоста.

– Сластољубивиот си штети само на себеси и можеби на уште еден свој другар во телесните задоволства, а гневниот е како волк кој го вознемирува целото стадо.