Тома, не се срамиш да го дознаеш она што го сакаш; не се откажувај да го ставиш твојот прст во Моите рани; Јас ќе го поднесам тој љубопитен прст, како што ги поднесов лутите шајки; ќе ја поднесам твојата љубопитност, како злобата на јудејското безумие! Види ги Моите раце и не мисли дека вистината за Моето воскресение е некакво вообразување.

Држи ги тие раце како залог на вашата преродба; држи ги тие раце, како залог на воскресение од гробот; држи ги тие раце, како котва за адската длабочина! Не бој се од никаква житејска несреќа, не трепери од никаква световна бура, не плаши се од брановите на непријателскиот ветер, не мисли на подводните скали на непријателското море! Пливај смело по морето на животот, пливај, држејќи ја котвата на духот; пливај, насочувајќи се кон небото, како кон пристаниште; пливај, плашејќи се само од бродолом, т.е. од откажување од Мене!

Дај ја раката и стави ја во ребрата Мои; почести се со својата рака од саканиот пијалок од живоносниот Мој извор и изгасни ја својата жед! Дај ја својата рака и стави ја во ребрата Мои: и постави ја десната твоја рака во болницата на природата и земи лек за својата волја; Јас, Кој примив удар од копје, ќе го поднесам допирот на саканата рака. Дај ја својата рака и стави ја во ребрата Мои: за да можеш да се подвизуваш за Моите рани; за да можеш да зборуваш против негаторите на вистината, дека си Ме видел по воскресението, дека си Ме познал, дека сериозно си ме почувствувал.

 

И не биди неверен, но верен; неверието е нешто лошо – го потиснува умот, а верата го насочува кон небото; неверието ја заслепува душата, а верата го просветува разумот; неверието не го забележува дури и видливото, а верата го разгледува и невидливото; кој не верува е во целосно незнаење; прогонувај го облакот на безверието и примај ги чистите зраци на верата!

 

Тома одговорил и рекол: Господ мој и Бог мој! Ти Си Господ и Бог; Ти Си Човек и Човекољубец; Ти Си прекрасен и единствен  пример на лекар на природата, Кој не со железо ги исцелуваш страдањата, не со изгорување ги лекуваш раните, не од тревки собираш лековити средства, не со видливи преврски преврзуваш тешки рани! Ти носиш невидливи преврски на милосрдието;

 

Словото во Тебе е поостро од железото; Твојата реченица е посилна од оганот; во Тебе зборот е побрз од лекувањето! Ти, како светоустроител, без труд го осветуваш созданието; како создател пак, без напор го преустројуваш созданието.

Господи, верувам во Твојот домострој, верувам во Твојата снисходливост, во Твојата власт над мене, верувам во Твојот искупителен крст, верувам во Твоите страдања по тело, верувам во тридневната Ти смрт, верувам во Твоето воскресение!

 

На крај, не ќе бидам веќе љубопитен; верувам и нема да бидам поактивен во своето испитување; верувам со очите;
верувам со десната своја рака! Излишно е да давам отчет за тоа, што го видов и почувствував; се научив да не оспорувам, а да се поклонувам; го познав во Христа мојот Господ и мојот Бог.

Св. Јован Златоуст